| контакт | маркетинг

05.08.2017

Само победа и ништо друго!

Агресивна игра во одбраната, прецизен шут од далечина и поддршка од трибините се условите што треба да се исполнат за македонската машка репрезентација да ја оствари целта - триумф над Естонија, во дуелот од 2. коло на претквалификациите

Вечерва, во салата „Борис Трајковски“, каде што Македонија никогаш нема загубено официјален меч, нашите репрезентативци ќе бидат под притисок дека мора да триумфираат. Ако во првото коло со Косово и тесен пораз можеше да се смета за прифатлив, сега сè освен победа, и тоа со што поголема разлика, ќе биде дебакл.
Отсуството на неколкумина повредени и играчи кои сакаа летово да одморат за подобро да се подготват за клупската сезона, ја ослабна репрезентацијата, но тие 12-мина кошаркари во црвено-жолти дресови што ќе се појават на теренот, ветуваат дека ќе го дадат максимумот и дека ќе го победат незгодниот гостин.
Пријателските мечеви покажаа дека Македонија игра подобро дома, кошаркарите се чувствуваат попријатно на свој терен и имаат поголема самодоверба. Но, сега и притисокот ќе биде голем, бидејќи евентуален пораз ќе биде сфатен како катастрофа и голем чекор назад во обидот да стигнеме до квалификациите за СП 2019.
„Свесни сме дека нè чека тежок меч. Ги гледав сите четири контролни натпревари на Естонија, има добра екипа. Ќе биде тежок противник, ќе мора да дадеме сè од себе, би рекол 120 отсто ако сакаме да победиме. Немаме друг избор. Се надевам дека ќе одиграме подобро отколку во Приштина и дека ќе ја забележиме првата победа. Секако, ќе ни треба помош од публиката. Ги повикувам фановите да дојдат и да ни помогнат, па заедно да се радуваме“, вели селекторот Давитков.
Расположението кај играчите било лошо по поразот во Приштина, но тоа е очекувано. Екипата нема време за тагување и мора да се фокусира на она што претстои вечерва.
„По оној непланиран пораз, расположението беше паднато, но немаме време за тагување или за радување, се вртиме кон денешниот дуел. Имаме проблеми со Џордан Теодор, кој ги пропушти последните три тренинзи, прима инфузија, има стомачни проблеми. Веројатно, станува збор за труење, но се надевам дека вечерва ќе може да игра“, додава селекторот.



Датум: 05.08.2017, 17:25
Статијата е прочитана 674 пати.

НАЈНОВИ ВЕСТИ
21.08.2017
21.08.2017
21.08.2017
21.08.2017
21.08.2017
МИКС
повеќе >
SPORT.COM.MK 2014. сите права задржани
DEVELOPED BY Nextsense