10.09.2017
Вардарки одново против Турингер

Германките се последниот противник на „црвено-црните“ во групната фаза од Лигата на шампионите заедно со ФТЦ и Ларвик
Очекувано, германскиот вице-првак Турингер е противникот на ЖРК Вардар во групата Ц во групната фаза од Лигата на шампионите, заедно со ФТЦ и Ларвик, која стартува на почетокот на октомври. Германките доминираа во вториот квалификациски турнир кој го одиграа пред својата публика и во финалето со 33:24 го елиминираа Хурс и ја потврдија улогата на фаворит за место во елитата. Претходно, во полуфиналето Турингер со двоцифрени 31:21 го совлада Атлетико, додека Хурс до финалето стигна, откако во вториот полуфинален дуел комплетно го надигра Хипо (32:19). Турингер е противник, кој одлично го познаваат девојките на Ирина Дибирова. Во претходните четири сезони, вардарки единствено во 2015/2016 се немаат „судрено“ со Германките. Во сите други изданија со Турингер редовно се среќаваме. Лани, во главната фаза „црвено-црните“ дами се радуваа и во двата дуели, додека од претходните сезони имаат две победи, како и еден пораз (на гостински терен) и едно реми. ЖРК Вардар новата сезона во Лигата на шампионите ја отвора на 6 октомври во Скопје, додека во второто коло му гостува на Турингер, викендот 13-15 октомври.
Датум:
10.09.2017, 18:42 |