| контакт | маркетинг
КОШАРКА

19.04.2017

Македонските тимови не беа магнет за публиката во АБА

МЗТ Скопје Аеродром и Карпош Соколи беа едни од најслабо гледаните тимови во АБА лигата во сезоната 2016/2017, покажува статистиката од извештаите според податоците од официјалните податоци, каде понекогаш и се „пумпаат“ бројките.

Реално, во најголем дел од салите гледаноста е помала од таа која се прикажува во статистиките.
И резултатите на македонските тимови придонесоа тие да не бидат атрактивни за публиката во градовите каде што гостуваа, но повеќе боли што и во Скопје, „металците“ и „соколите“ имаа незадоволителна поддршка од публиката.
На 13-те натпревари во „Јане Сандански“, МЗТ сезонава го гледале вкупно 16.687 луѓе, или во просек, по 1.283. МЗТ е само десетти според гледаноста дома. Се менуваат времињата, до пред три-четири сезони, МЗТ беше во Топ 5 на оваа листа. Помалку публика од „штрковите“ на домашните средби имаа само Цибона, Крка, К. Соколи и ФМП. „Соколите“ кои беа дебитанти во лигата, во „Борис Трајковски“ имаа просек од 738 гледачи по натпревар, или вкупно, 9.600 љубители на кошарката ги проследија нивните дуели.
На првото место се наоѓа Партизан со 65.900 гледачи, или просек од фантастични 4.707 на 14-те меча. Веднаш зад „црно-белите“ е шампионот Црвена Звезда со просек од 4.338 гледачи (се смета и плејофот). Традиционално, при врвот е и Задар. Иако немаше којзнае какви резултати и навивачите се во конфликт со управата, поддршката не му изостана, и тимот од Јадранот имаше просек од 3.323.
Евролигашот Звезда беше најголем „магнет“ за противничките публики, и белградскиот клуб е прв според гледаноста на гостински терен. Во просек, Звезда ја гледаа 3.383 гледачи, втор е Партизан со 3.237, а трета е Цедевита со 2.982. Следуваат Будуќност и Цибона. МЗТ и на оваа листа е десетти, со 1.588, додека К. Соколи е претпоследен со 1.401. Најнеинтересна за противничките фанови беше Игокеа.
Просекот на АБА лигата е 2.046 гледачи по натпревар. Во следната сезона, Македонија има едно загарантирано место (за шампионот), но може повторно да добие и втор, ако некој наш клуб плати и му биде доделена вајлд-карта.



Датум: 19.04.2017, 11:00
Статијата е прочитана 801 пати.

НАЈНОВИ ВЕСТИ
24.11.2017
24.11.2017
24.11.2017
24.11.2017
24.11.2017
МИКС
повеќе >
SPORT.COM.MK 2014. сите права задржани
DEVELOPED BY Nextsense