| контакт | маркетинг
КОШАРКА

19.05.2017

Пеце не ја дигна рачната, нема потреба за тоа!

Кога можеле и другите, зошто не и ние? И покрај тоа што уште кога дојде на власт најави дека не се потребни странци во националниот тим, веќе втора година по ред, нашата сениорска селекција ќе биде „засилена“ со уште еден странец, со уште еден Американец.

И покрај тоа што уште кога дојде на власт најави дека не се потребни странци во националниот тим, веќе втора година по ред, нашата сениорска селекција ќе биде „засилена“ со уште еден странец, со уште еден Американец.
Иако фрлаше со „дрвја и со камења“ по претходното раководство, новиот, сега веќе „стандарден“ претседател на Македонската кошаркарска федерација, Петар Наумоски, не побегна од една, слободно би можеле да ја кажеме, веќе и традиција. Секое лето да се ангажира барем по еден странски кошаркар.
Иако при стапувањето на должност и веднаш по изборот Пеце Национале (прекар заработен за игрите, а не како прв човек на македонската кошарка) најави остар курс во однос на лесната натурализација на американски кошаркари, сепак не издржа.


Тој го продолжи она што беше тренд во изминативе десетина години, а за кој ги обвини Димевски и соработниците дека имале и добар профит од сето тоа.
За потсетување, еве што кажа тогаш, на изборното собрание на МКФ во хотелот „Александар палас“ во Скопје, Петар Наумоски:
„Категорично сум против лесното давање пасоши, нешто на што бевме сведоци во изминативе години. Јасно е дека треба да се искористат сите ресурси и можности, но на адекватен начин, кој нема да го загрози развојот на домашниот играчки кадар. Ќе кренеме рачна, ќе видиме каде сме по ова прашање и ќе видиме како понатаму“.
Тоа го најави, на 27 април 2015 година, новиот преводник на македонската кошарка.
И не само дека не дигна рачна туку Наумоски го стори сосема спротивното, продолжи да „вози“...
Прво се фати за „оставнината“ на Димевски, за Ричард Хендрикс, за кого рече дека не бил доволно голем Македонец и дека дури  и заслужува да му биде одземен пасошот, кој некој претходно му го дал. А недолго потоа на нишан беше и селекторското место. Па на местото за нив „недобриот“ (заедно со тогашниот спортски директор Заре Марковски) Александар Џикиќ доведе еден тотален анонимус, кому не треба ниту името да му се споменува, и кој подоцна низ квалификациите се претвори во уште поголем аутсајдер.
За тоа му помогна и нелогичниот избор на Американецот Ромео Тревис, еден играч кој порано, но само порано, важеше за добар Европеец. Сега, во годините за кои се вели дека играчот е во залезот на кариерата, сигурно е дека тој избор однапред беше погрешен.
Посебна приказна е моментот во кој Наумоски и соработниците му дозволија предвреме да ги напушти своите репрезентативни колеги и да замине во потрага на нов играчки ангажман, во кој, јасно е, му помогна и тоа што има македонска патна исправа.
Е сега, кога и Тревис не им чини, Наумоски и компанија одлучија дека треба некое „ново дете“, макар што пред нив се само четири претквалификациски натпревари (по два со Естонија и исто толку со Косово), иако би сакале да има уште повеќе со префиксот квалификациски.
Кој да се фати за рачната кога работите не одат баш како што очекуваше првиот човек на нашата кошарка?
Нема потреба, никаква, со старата или со новата влада, практиката продолжува. Изгледа Наумоски видел, сфатил како му било на неговиот претходник. Дека не може да „преживува“ без странци во националниот тим. А и нашата кошаркарска „околина“ ги следи тие чекори, па веќе изборот на Џордан Теодор за нов „Македонец“ е оквалификуван како вистинска сензација.
Требаше таму некои наши портали со добри конекции кај менаџерите и кај своите колеги да им ја откријат тајната што така љубоморно ја чува Наумоски, и тоа повеќе од два месеца.
Но не е тајна дека кај него не постои ништо што се нарекува транспарентност во работата. Затоа, пак, има поделба, каква што  имаше и на почетокот од мандатот.
На подобни и на неподобни новинари.
Бадијала и таа нивна пи-ар служба кога медиумите, оние што ги сакаат вистината, потврдата на зборовите, точноста на информацијата, мораат да го проверуваат тоа на телефонскиот број на претседателот, кој најчесто е на позиција „игнор“.
И да, веројатно, Џордан Теодор ќе биде новиот Македонец. Тоа беше јасно уште пред два и кусур месеци, кога е и договорена соработката.
Но ќе остане моментот наречен „рачна“ или, по нашки кажано, кочница.
Пеце вози без да крене рачна, без кочници... Изгледа, ја нема во својот „автомобил“.



Датум: 19.05.2017, 13:15
Статијата е прочитана 1075 пати.

НАЈНОВИ ВЕСТИ
21.07.2017
21.07.2017
21.07.2017
20.07.2017
20.07.2017
МИКС
повеќе >
SPORT.COM.MK 2014. сите права задржани
DEVELOPED BY Nextsense