| контакт | маркетинг
МЕЃУНАРОДЕН ФУДБАЛ

03.02.2015

Виктор Треневски: Првенство во еден дел за спас

Младите и паметни фудбалски раководители во иднина треба да направат шампионат во ЕДЕН дел, а не есенски и пролетен.

Некако стана правило новата колумна да ја почнувам со крајот на претходната.
Се редат кандидати за претседатели на ФИФА. Во прашање се големи интереси, а станува збор за многу важно место. Нема многу да пишувам на оваа тема бидејќи политиката не треба да нè води сите нас коишто сме во спортот. ФИФА, пак, некако ја персонифицира политиката во фудбалот. Околу кандидатите, многу шпекулации, пробни балони (Жинола) и на крајот четири кандидати, четири имиња без некои назнаки кое име во кој правец ќе нè води.
Многу е важно да се приближат ставовите на ФИФА и УЕФА и кој ќе ја води ФИФА во тој правец, за него оди мојот глас. Некако се наметнува дуел меѓу Блатер и јорданскиот принц, па да видиме. Фиго и Михаел ван праг се некако во втор план. Како и да е, нека победи тој кој ќе зближува, а не тој што ќе разделува.
Колку и да е наивна оваа моја желба, сметам дека е круцијално да дојде до некои заеднички одлуки во полза на фудбалот од страна на УЕФА и ФИФА, па кој сака нека претседава.
Преодниот рок заврши и ред е да се напишат неколку збора и за тоа. Реал Мадрид, Барселона и Атлетико Мадрид не потрошија заедно толку-колку што Валенсија даде за Перез (25 милиони). Немаше некои бомби. Реал го донесе Лукас Силва за 13 милиони, Торес се врати дома, а Виљареал заработи 20 милиони со продажна на стоперот Габриел во Арсенал... Јасно е дека таблоидите и весниците беа многу повозбудливи од самите завршени трансфери.
Англија е на прво место, во секој случај. Веќе не ни знаеме што е вистина, а што не. Бејл бил подготвуван за 150 милиони евра од Манчестер Јунајтед. Потоа Роналдо во Манчестер Сити, па Хумелс, па... Засега е потврден Вилфред Бони за повеќе од 30 милиони од страна на Сити и веќе споменатите Перез и Силва. Можно е Квадрадо и Ширле да се додадат и тоа е тоа од силните трансфери во зимскиот преоден рок.
Ништо посебно и ништо конкретно и големо. Како сето ова да е подготовка за на лето кога може да дојде до сериозни и големи трансфери.
Кај нас на нашиот Балкан единствено Хрватите прават сериозна работа и со Крамариќ, Брозовиќ, Чоп, во иднина Пјаца... се далеку пред сите на овие простори. Сериозни и пресериозни трансфери, од аспект на пари кои на Мамиќ никој не може да му ги оспори. За жал, тие менаџерски успеси се многу поголеми од спортските, а природно е да е обратно.
Некој збор и за Италија, која дефинитивно веќе не е во прв план. Кога меѓу првите четири клуба на табелата имате три од јужна Италија тогаш е јасно дека италијанскиот фудбал го дрма голема криза. Интер и Милан во средината без амбиции со отворена стратегија да бидат втора рака или мост преку кој играчите ќе одат во големи клубови. Жално!
До крајот на сезоните во Европа има уште 4-5 месеци. Мурињо и Челзи одат сигурно кон титулата. Јасно е дека во Англија ништо не е сигурно додека математиката не се испочитува, но знаејќи го карактерот и стилот на Жозе, Челзи има барем 60 посто можност да ја освои титулата.
Во Шпанија трио фантастико и без многу зборување тука би го оценил Реал со 50%, Барса со 30% и Атлетико со 20% во битката за титулата. Германија има јасна ситуација и Баерн со 90% и трета светска војка со 10 посто.
Кај Французите колку и да се наметнува трио јас мислам дека Марсеј и ПСЖ ќе го дадат шампионот. Изразено во проценти тоа би било за ПСЖ 45%, Марсеј 40% и Лион 15%. Италија носи 70 проценти за Јувентус, додека за југот на Италија одат 30 посто.
За нашиот Балкан е несериозно да се даваат проценки бидејќи не сме ниту на пола од подготовките за почетокот на другиот дел од сезоната. И кога се пишува делува комплицирано и навистина би требало да се бара решение за така голема пауза која на никого не му користи. Клубовите трошат големи финансиски средства за да го пополнат тој „безвоздушен простор“ од декември до март. Со тие пари кои се трошат неповратно во тој простор сигурно дека би можело многу терени и стадиони да се оспособат за да се намали толкавата празнина. Тоа дефинитивно би им користело на сите во фудбалот.
Ова е интересна тема за сите кои го водат фудбалот.Сепак, ние сме јужњаци и не е природно да е топло на север, запад и исто, а ладно на југ. Ќе повторам, добра тема за млади и паметни фудбалски раководители за можеби во иднина да направат ЕДЕН шампионат (дел), а не есенски и пролетен.
ПС. За крај на колумнава да го споделиме и успехот на Ѓоковиќ, кој како Балканец сите нè направи задоволни и среќни по освојувањето на Австралија опен. Тој опасно им се приближува и го загрозува врвот на белиот спорт (ја делиме бојата на кожата со црнците кога е овој спорт во прашање) и ќе биде интересно да се следи патот на еден таков спортист во еден таков спорт...

 



Датум: 03.02.2015, 17:13
Статијата е прочитана 5059 пати.

НАЈНОВИ ВЕСТИ
23.10.2017
23.10.2017
23.10.2017
23.10.2017
23.10.2017
МИКС
повеќе >
SPORT.COM.MK 2014. сите права задржани
DEVELOPED BY Nextsense