ШАМПИОНОТ НЕМА ВООПШТО ДА ЛИЧИ НА СЕБЕ ВО НОВАТА СЕЗОНА

Вардар со кадетки ќе брани титула

Ракометарки од генерацијата 2002/2003 и неколку кадетско – младински репрезентативки ќе го сочинуваат „црвено-црниот" тим

објавено: 6 јули 2018 - 10:30

Македонскиот женски шампион ЖРК Вардар веќе е познато дека нема да биде оној кој го знаеме од претходните пет – шест години и дека во новата сезона ќе влезе комплетно реконструиран.

Од почетокот на јуни, откако „црвено-црните" го распуштија „дрим-тимот" единствената официјална информација која дојде од вардаровиот табор е дека во иднина ќе има само една женска екипа – Вардар, која ќе се натпреварува само во домашната лига. Слично како и во шампионскиот тим, така и во вториот – Вардар Јуниор сите ракометарки се комплетно ослободени од обврски и може да си бараат нови клубови.

За сè друго и натаму се молчи.

Според неофицијалните информации до кои дојдовме всушност молкот се должи на фактот дека новиот женски тим и натаму се дефинира. Она што е сигурно е дека одбраната на шампионската титула ќе им се препушти на млади ракометарки. Поточно на генерацијата 2002/2003 и неколку кадетско – младински репрезентативки. Ваквата идеја непотврдено потекнува токму од сопственикот на клубот Сергеј Самсоненко, кој по пет години вложување во ракометната Академија сака да види колку квантитетот и масовната работа во истата, носи квалитет. Тоа е генерацијата која ја предводи екс-македонската репрезентативка Драгана Пецевска, а со која малкумина знаат дека има работено и досегашниот стратег на машкиот првак Вардар, Раул Гонзалез, чие мислење е дека оваа екипи може да биде надежта и иднината на нашиот женски ракомет.

Дополнителен стимул е податокот дека Македонската ракометна федерација, заедно со Словенија и Црна Гора ќе бидат организатори на Европското првенство во женска конкуренција во декември 2022 година, кога овие ракометарки би биле и созреани и за настап во сениорскиот национален тим.

Непознато е и кој тренер ќе го води тимот. Селекторот на женскиот национален тим Симе Симовски, кој беше стратег на Вардар Јуниор, е еден од кандидатите, но во игра е и Драгана Пецевска, која досега ја водеше оваа генерација.

Без разлика на конечната разврска, која исто така неофицијално ќе биде до средината на јули, едно е сигурно – кадетки ќе ја бранат шампионската титула на Вардар, а националното првенство ќе добие и тоа како поинтересен изглед со оглед на тоа дека нема да доминира еден клуб.

Најново во Ракомет