РОМАНЦИТЕ СО СЕРИОЗНИ ПРОБЛЕМИ ВО БОРБАТА ЗА МЕДАЛИТЕ

Тешка повреда на Неагу, Базалиу повикана на помош

Кристина Неагу поради тешка повреда ќе го пропушти остатокот од Европскиот шампионат, а на помош е повикана 21-годишната Бјанка Базалиу

објавено: 13 декември 2018 - 15:06

Женската репрезентација на Романија се пласира во полуфиналето на Европското првенство и таму ќе се соочи со Русија. Но „жолто-сините" нема да сметаат на најдобрата ракометарка Кристина Неагу која на мечот со Унгарија во групната фаза скина лигамент на десното колено и веднаш е испратена на операција. Нејзината пауза е шест месеци.

Поради тоа романскиот селектор Аброс Мартин веднаш ја повика Бјанка Базалиу, замената на Неагу, која ги напушти тренинзите на ЧМС и се упати кон Париз на ЕП. За 21-годишната Базалиу ова ќе биде прво сениорско ЕП, а претходно како членка на младинската репрезентација на Романија го освои златото на СП 2014 што се одржа во Македонија.

„Ќе пробам да се докажам и да му помогнам на тимот да стигне што подалеку. Жал ми е за Кристина, со неа ќе беше поинаку, но нема да се предадеме. Сакаме да продолжиме напред", изјави Бјанка која со ЧМС четири пати го освојуваше романското првенство и еднаш Лигата на шампионите.

А за Неагу ова е уште една тешка повреда во нејзината кариера. Прв пат во 2011 година го оперираше десното раме и се опоравуваше 19 месеци. Само три месеци откако се врати повторно се повреди и повторно се оперираше.
Во јануари 2013, додека играше за Будуќност, за време на тренинг ги скина предните вкрстени лигаменти на левото колено и паузираше шест месеци. Сега одново се соочи со истиот проблем.

Најново во Ракомет