БЕКОТ ВЕРУВА ВО НОВ ТРИУМФ НА СП

ТАЛЕСКИ: Победа над Бахреин за отворени карти

„Мора максимално да се подготвиме за Бахреин. Ако имаме уште една победа, потоа ќе биде се отворено во пресрет на последните три дуели во групата против Хрватска, Шпанија и Исланд“, смета бекот.

објавено: 12 јануари 2019 - 10:43

Спортмедиа во Минхен, Марија Ковачева

По победата над Јапонија, Македонија утре ја чека вториот противник во групата Б во Минхен, Бахреин.

Во позитивна атмосфера репрезентативците излегоа на денешниот тренинг, во за нив слободниот ден на мундијалот.

Мислите се победнички, затоа што така полесно ќе се пречекаат главните пречки во групата за пласман во продолжението

„Посакувавме мундијалот да го отвориме со победа, тоа и го направивме. Имаме една преспана ноќ, а не чекаат уште четири натпревари. Синоќа видовме дека и Бахреин е незгоден противник како и Јапонија, се држеше до самиот крај против Шпанија. Потребно е максимално да се подготвиме и за нив. Ако имаме уште една победа, потоа ќе биде се отворено против Хрватска, Шпанија и Исланд“, вели бекот Филип Талески и додава:

„Имаме 24 часа за подготовки и се надевам на добар меч. Бахреин е повисока селекција од Јапонија, имаат покомпактна одбрана, па поради тоа мора да бидеме трпеливи во нападот, да градиме 100% шанса и да не ги повториме грешките со избрзани шутеви со Јапонија. Нема да биде лесно, но одиме со сите сили“.

Македонија и Бахреин играат утре 18 часот во „Олимпијахале“ во Минхен.

Најново во Ракомет