ПРЕТСТАВУВАЊЕ НА ПРОТИВНИЦИТЕ НА МАКЕДОНИЈА ВО МИНХЕН

ГРУПА Б: Исландски шмек и балканско - шпанска топлина

Три од шестте селекции во групата Б ја предводат Исланѓани, додека Македонија, Хрватска и Шпанија со својот темперамент треба да внесат возбудувања во друштвото.

објавено: 10 јануари 2019 - 15:30

Македонија утре го започнува настапот на Светското првенство во Данска и Германија, каде ќе биде дел од групата Б, во Минхен.

На мундијалскиот пат, кој исто така не води и во квалификациите за Олимписките игри во Токио 2020, во „Олимпијахале“ не чекаат пет репрезентации, дел од нив одлично познати, дел помалку познати.

ЈАПОНИЈА – прв противник на Македонија во Минхен. Селекција која пласманот на СП го обезбеди со „вајлд-карта" доделена од ИХФ и која со ангажирањето на исландскиот стратег Дагур Сигурдсон за селектор го гради тимот за ЛОИ Токио 2020. Незгоден противник, со брза игра, а чија најсилната страна е десната, со оглед на тоа дека клучни играчи им се средниот бек Јуто Агаре, десниот бек Шиносуке Токуда (кој настапува за унгарски Дабас), како и десниот бек/крило Јин Ватанабе.

Најголемиот успех на мундијалите Јапонија го имала на СП во Франција 1970, кога го освоила 10. место.

БАХРЕИН – репрезентација која по третпат во својата историја ќе учествува на СП (имаше обезбеден настап и на СП 2015 во Катар, но се повлече од политички причини), откако настапот на Азискиот шампионат го заврши како вице-првак, зад Катар.
И оваа селекција исто така е предводена од Исланѓанец, Арон Кристијансон, кој има за цел да го поправи досегашниот впечаток на тимот на мундијалите, поточно Бахреин никогаш не ја минал групната фаза.
Двата најдобри играчи во тимот се средниот бек Хусеин Алсајад (капитен), кој беше избран и за најдобар на својата позиција на Азиските игри лани во август, како и голманот Мохамед Абдулхусеин.

ХРВАТСКА – предводена од Лино Червар на СП патува како репрезентација која во последните 15. години држи висок ритам и не се нашла подолу од 6. место. Од освојувањето на златниот медал на СП 2003 па навака „коцкестите" може да се пофалат со уште три медали (две сребра и една бронза), а на последното првенство беа четвртопласирани. Хрватите се конкурент за кој не мора да трошиме зборови, бидејќи одлично ги познаваме не само нивниот главен стратег Червар, туку и плејадата ѕвезди со кои располагаа, Дувњак, Циндриќ, Карачиќ, Степанчиќ, Хорват, Штрлек...
По разочарувањето кое си го приредија на ЕП 2018 на домашен терен, сигурно дека со високи амбиции патуваат во Минхен, а и тие заедно со Шпанија се главни фаворити во групата Б.

ШПАНИЈА – актуелниот европски првак е главниот фаворит во групата Б. „Фуријата" предводена од Жорди Рибера на мундијалот патува со амбиции за обединување на европската и светската круна. Страшен ростер (Перез де Варгас, Душебаев, Ентрериос, Мороз, Гурбиндо...) и добро познати и звучни имиња е арсеналот со кој располагаат Шпанците и кој е всушност и една од главните причини поради кои веруваат дека може да доминираат и на светската сцена.
Во 2013 го кренаа мундијалскиот пехар, а сега се надеваат на повторување на историјата.

ИСЛАНД – противник, кој се чини дека Македонија ретко може да го избегне на големите натпреварувања или, пак, на патот кон нив. Претводени од искусниот домашен стратег Гудмундур Гудмундсон, Исланѓаните како и ние преку баражот (победа над Литванија) се најдоа на мундијалот. Селекција чии квалитет и игра е одлично познат за нашите ракометари, како и фактот дека Арон Палмарсон ќе биде главната „опасност", а како олеснителна околност може да се земе отсуството на искусниот Гудјон Валур Сигурдсон, кој поради повреда го пропушта СП.
Исланд несомнено ќе биде ривалот против кој ќе се „кршат копјата" на патот кон главната фаза. Нивниот најголем успех на СП е 5. место во 1997 година.

Најново во Ракомет