И вториот домаќин на СП почна како на тренинг

Чиле како „топовско месо“ за Данска

Чиле беше само загревање за Данска, која едноставно повеќе се забавуваше, отколку што притискаше за победа.

објавено: 10 јануари 2019 - 21:45

И вториот ко-организатор на светското првенство, селекцијата на Данска, почна со убедлива победа на 26. планетарен собир. Пред своја публика и полни трибини, Данците немаа тешка задача против селекцијата на Чиле, која беше само добар спаринг партнер за еден од главните фаворити на шампионатот и на крајот славеа со 39:16.

Во првиот дел од мечот Чилеанците заглавија на само 4 постигнати гола, додека Данска во неколку наврати атрактивно ја полнеше противничката мрежа. Резултатот на семафорот по првите 30 минути застана на 22:4.

Во вториот дел јужноамериканците малку ја кренаа реализацијата и успеаја во првите десетина минути да постигнат исто толку голови, колку што постигнаа за едно полувреме. Данците се опуштија, заиграа и резервистите за на крајот мечот да заврши со трубедлив триумф.

Во составот на Данска како најефикасен заврши Каспер Мортенсен со 8 гола од исто толку обиди, додека гол помалку имаше Микел Хансен, кој промаши само еднаш. Кај Чиле се истакна Салинас со 4 гола.

 

 

Најново во Ракомет