Неделава најверојатно ќе биде комплетирано друштвото за новата сезона во СЕХА Газпром лигата.
Романскиот тим Стеауа се поизвесно е дека ќе биде десеттиот учесник во осмото издание на регионалното натпреварување, а договорот треба да „падне" денеска во Букурешт, на состанокот меѓу челниците на СЕХА и романскиот тим.
Стеауа е романски клуб кој беше најконкретен во своите желби да биде дел од Регионалната лига и најсериозен во разговорите со СЕХА.
Она што им беше потребно, да добијат дозвола од Романската федерација за настап во регионалното натпреварување е позитивно решено и сега единствено што останува е финалниот договор со првите луѓе на СЕХА.
Доколку и тоа се реши денеска ќе стане јасно дека СЕХА лигата за првпат ќе добие и романски учесник, а Стеауа ќе влезе во друштво на македонските тимови Вардар и Металург, Војводина и Железничар од Србија, потоа хрватски ППД Загреб и Нексе, словачкиот првак Татран Прешов, шампионот на Белорусија, Мешков Брест, а по една година пауза во регионалното друштво се враќа и претставник на БиХ, односно првакот Извиѓач.
Стартот на новата сезона во СЕХА Газпром лигата е закажан на 28/29 август.