НА 20 ЈУЛИ ТРЕБА ДА БИДЕ ПОЗНАТ ИЗГЛЕДОТ НА НОВАТА СЕЗОНА

СЕХА лигата со нов лик

Осмата регионална сезона треба да има 12 учесници и нов натпреварувачки систем

објавено: 8 јули 2018 - 16:00

Челниците во СЕХА Газпром лигата го чекаат 20 јули, ден кога ќе седнат и ќе го дефинираат ликот за изданието 2018/2019. На завршната прес-конференција на СЕХА Ф4 во Скопје во средината на април годинава претседателот на СЕХА, Михајло Михајловски најави зголемување на бројот на учесниците и промена на натпреварувачкиот систем, но нема ништо дефинитивно по тоа прашање.

Попрецизно кажано еден од потенцијалните кандидати во Регионалната лига, полскиот првак Келце сам обелодени минатиот месец дека и покрај желбата во следните неколку сезони нема да може да биде дел од СЕХА, со оглед на тоа дека клубот не добил „зелено светло" од Полската федерација да биде изземен од регуларниот дел на националното првенство и да се приклучи подоцна во плеј-офот.

А токму фактот дека со исклучок на македонските, српските и хрватските клубови останатите претставници во СЕХА се вратени во регуларното натпреварување од националните првенства е она што создава проблеми и принудува да се размислува за нов систем, кој нема дополнително да го оптовари календарот на клубовите. Словачки Татран Прешов и Мешков Брест играа во државните првенства и лани, каде Белорусите имаа една ситуација слична на Рајн Некар Левен во Лигата на шампионите, па СЕХА лига играа во најсилен состав, а во белоруското првенство во втората екипа. Од оваа сезона нема да има толеранција ниту за словенечките Целје и Горење.

Ставот на СЕХА е дека е тоа „Лига за клубовите", која функционира и работи во полза и корист на нејзините учесници, па од таму и се превземаат акции, кои од една страна ќе го зголемат квантитетот и квалитетот на тимови, а истовремено нема да бидат товар на „пребукираните" распореди на екипите како Вардар, Металург, Целје, Мешков Брест – кои настапуваат и во Лигата на шампионите.

Со најавите за враќање на Веспрем во СЕХА лигата (кој ланската сезона токму поради преголемиот број на натпревари и го откажа настапот), како и интересот на унгарскиот првак Пик Сегед да влезе во друштвото, бројот на учесници би се зголемил на 12 тима. Доколку се задржи актуелниот систем, тоа би значело 22 натпревари во регуларниот дел од сезоната, односно 24 со оние два кои најдобрите четири екипи би ги играле на Ф4 турнирот.

Поради тоа размислувањата се да се формираат две групи со по шест екипи, кои би играле двокружно, односно 10 натпревари во групната фаза. Дилеми постојат и околу тоа дали по завршувањето на 10. кола директно да се игра Ф4, што би значело вкупно 12 натпревари во сезоната, или пак, најдобрите четири екипи од секоја група да се соочат во елиминации, од кои победниците би играле на завршниот турнир. Втората опција би значела 14 натпревари во сезоната.

Она што е сигурно е дека во игра се македонските претставници Вардар и Металург, хрватските ППД Загреб и Нексе, Татран Прешов од Словачка и Мешков Брест од Белорусија, српскиот првак Војдовина и освојувачот на Купот на Србија, Железничар и словенечките клубови Целје и Горење Велење (Рибница иако финишираше втора во првенството не пријави учество ниту во СЕХА, ниту во европските клупски купови). Враќањето на Веспрем и премиерата на Пик Сегед и натаму се под прашалник.

Најново во Ракомет