МАШКАТА РАКОМЕТНА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА ПО ШЕСТИ ПАТ НА СП

ТИЕ СЕ НАШАТА ГОРДОСТ: Капата доле момци!

Вие сте причината поради која славиме, се гордееме, плачеме и се смееме... Не навикнавме да очекуваме и да се радуваме на високи дострели и големи успеси. Светско доаѓаме!

објавено: 14 јуни 2018 - 16:30

Машката ракометна репрезентација на Македонија одново е во друштво на најдобрите 24 селекции во светот.

Пласманот на Светското првенство во јануари следната година во Данска и Германија, го заверија нашите ракометари во Клуж, откако излегоа како победници во бараж двомечот од квалификациите со Романија.

Вистина е дека Македонија загуби (26:25) на реваншот, но тоа е пораз кој не се брои и кој не боли. Крајот го краси делото, а крајот вели дека „црвено-жолтите“ се патници на мундијалот со седум гола предност во збирот од двата бараж натпревари со Романија, 57:50, а по тоа ништо друго не е важно.

Епа, момци секоја чест! Вие сте причината поради која славиме, се гордееме, плачеме и се смееме... Не навикнавме да очекуваме и да се радуваме на високи дострели и големи успеси. Дали се квалификации за СП или ЕП, или, пак, настапи на истите веќе една деценија секој јануари го чекаме со ентузијазам и оптимизам, а во средата во Клуж, ни овозможивте и оној што следи во 2019 година, да го чекаме со исто чувство.

Шесто СП во нашата историја, четврто во низа... одново пласман на уште едно големо натпреварување... Таквото задоволство ни го носите само вие, ракометарите.

Вие сте нашата гордост и радост. Капата доле момци!!! Секој друг збор би бил излишен!

И секако среќно! Светско доаѓаме!

Најново во Ракомет