ПРОБЛЕМ ЗА МЕТАЛУРГ И ЗА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈАТА

Серафимов, Јагуриноски или...на кого Раул ќе му даде шанса на СП?

Македонскиот репрезентативец, Мартин Велковски поради повреда на ахиловата тетива ќе биде надвор од терените најмалку шест месеци. 

објавено: 20 ноември 2018 - 11:45

Металург до крајот на сезоната остана без услугите на капитенот Мартин Велковски. Десниот бек на гостувањето кај Бешикташ се здоби со повреда на Ахиловата тетива и до крајот на сезоната ќе биде во аут. Отсуството од терените на Велковски не е проблем само за македонскиот вицепрвак, туку и за репрезентацијата. 

На два неполни месеци пред стартот на Светското првенство во Германија и Данска, селекторот Раул Гонзалез остана без замена на проблематичната позиција на која игра Кирил Лазаров, a Македонија со години нема соодветно решение, намерно или не.  

Добро го паметиме Европското првенство во Вараждин, капитенот се повреди, а Велковски влезе во „оган“. Беше принуден да го издржи притисокот против Шпанија, Чешка и Данска, без претходно играчко искуство за нашиот најдобар национален тим.

Повредата на Велковски ги отвара вратите на ракометарите од Металург, Томи Јагуриноски и Мартин Серафимов. И двајцата се најдоа на поширокиот список на Гонзалез, а нивните игри оваа сезона во Лигата на шампионите и во СЕХА-лигата ни даваат право да ги издвоиме први на списокот, иако тоа не е наша задача, сепак на крајот одлучува селекторот. Но, од друга страна ова се дел од младите сили кои за неколку години ќе ги наследат стандардните репрезентативци.

Во игра влегуваат и Влатко Митков (кој се прости од репрезентацијата) и Лазо Мајнов (неофицијално ја заврши кариерата), секако доколку Гонзалез се одлучи за искуство, а не за подмладување на репрезентацијата. Шпанскиот стратег има и други опции, но не најдобри, во домашниот шампионат настапуваат околу петмина играчи кои можат да одговорат на десната бековска позиција.

Проблемот е голем, па затоа ќе мора брзо да се делува...По слабиот настап против Грција во квалификациите за ЕП не смеме да дозволиме да бидеме изненадени!

Најново во Ракомет