И САМИТЕ ПРИЗНАВААТ ДЕКА ШАНСИТЕ СЕ РЕЧИСИ НЕПОСТОЕЧКИ

Романците се надеваат на чудо: Македонија не е Франција или Шпанија, но како против Стоилов, Лазаров, Раул..?

Романската селекција, заедно со новинарите, одново со лоши спомени го напуштија Скопје. Колку и да сакаат да бидат позитивни пред реванш мечот во Клуж, негативата од осум гола, но и синоќешната доминација на Македонија, не им го дозволува тоа.  

објавено: 11 јуни 2018 - 14:40

Во Романија денеска на големо се прават анализи. Мундијалскиот сон им се урна како кула од карти, од Скопје одново си заминуваат со лоши спомени. Првиот бараж меч го загубија со 32-24, колку и да сакаат да бидат позитивни пред реванш дуелот во Клуж (среда, 17:30 часот), негативата од осум гола, но и доминацијата на македонската репрезентација, не им го дозволува тоа. 

Како што и самите велат, Македонија не е Франција, Шпанија или пак некоја друга европска сила, но дефинитивно е поквалитетна од Романија.

„Македонија не е најдобрата репрезентација во Европа. Тимот кој го предводи Раул Гонзалез не може да се споредува со Данска, Шпанија, Франција, Шведска, Хрватска...за тоа говорат и нивните успеси, никогаш не играле полуфинале, најголем успех им е шестото место на ЕП 2012 година под водство на Звонко Шундовски, додека на СП во 2015 година завршија на девото место. И покрај сепак е многу подобра селекција од Романија“.

Предноста на Македонија, според новинарите е тоа што имаме играчи кои играат во Барселона, Рајн Некар и Веспрем. Тука секако е Раул Гонзалез, капитенот Кирил Лазаров и Стојанче Стоилов.

„Колку и да сакаме да го спуштиме противникот под 32 гола, тоа речиси е невозможно. Треба да ги сопреме Стојанче Стоилов и Жарко Пешевски на пикерската позиција. Тука е Лазаров, кој е име во ракометот и кој игра перфектно и покрај тоа што има 38 години. На крајот да не заборавиме дека селектор е Раул Гонзалез, неговата тактика беше полн погодок“, се вели во анализата.

Тамошните медиуми не го заборавија Чави Пасквал, играта „седум на шест“ вроди плод само во првите три минути, Романија даде два гола, а потоа застана, па шпанскиот стратег мораше целосно да го менува нападот. 

„Пасквал проба со „седум на шест“, Романија даде два гола на почетокот, а потоа 12. минути не успеа да ја погоди мрежата на противникот. Ракометарите правеа грешки, па тактиката беше целосна погрешна“.

На крајот како и секој, во Романија се надеваат дека во среда ќе се случи чудо, среќни се што негативата од 10 гола (24-14) на крајот успеаја да ја симнат на осум, и заедно со помош на публиката ќе можат да ни вратат мило за драго.

Најново во Ракомет