ПО ПЛАСМАНОТ НА СП, ВЕЌЕ СЕ МИСЛИ НА ЖДРЕПКАТА

РАКОМЕТАРИТЕ ЕДНОГЛАСНИ: Само да не сме во групата во Хернинг

Данскиот град е најмалку посакуваната дестинација за македонските репрезентативци во пресрет на ждрепката закажана за 25 јуни за СП 2019

објавено: 14 јуни 2018 - 09:30

Машката ракометна репрезентација го букираше билетот за СП 2019 во Данска и Германија и сега може мирно да ја чека ждрепката за групната фаза закажана за 25 јуни.

Интересно е тоа што момците на Раул Гонзалез барем на прва немаат желби околу противниците, но децидни се во ставот дека не сакаат да играат во групата во Хернинг.

Инаку Копенхаген и Хернинг се двата дански града кои ќе бидат домаќини на мундијалот, додека Берлин, Келн, Минхен и Хамбург се градовите во Германија каде ќе се играат СП натпревари. Со оглед на далечината, како и фактот дека е најсеверниот град од оние кои се во комбинација за јануарскиот поход, ракометарите се едногласни дека би биле среќни ако не играат таму.

Данска, пак, како организатор го одбра токму овој град за да игра во него и тоа во рамките од групата „Ц". Единствено првиот меч ќе го игра во Копенхаген. Веќе е познато и дека Германија (вториот организатор) ќе биде во групата „А" во Берлин, додека светскиот првак Франција (која обезбеди директен пласман) или пак Хрватска би играла во групата „Б", исто така во Берлин, додека во групата „Д" во Копенхаген ќе бидат Шведска или Норвешка.

Потенцијални противници на Македонија во ждрепката се организаторите Данска и Германија, светскиот првак Франција, европскиот шампион Шпанија, како и репрезентациите на Шведска, Норвешка, Исланд, Унгарија, Русија, Австрија, а се чека вечерва Србијаи Хрватска да го потврдат пласманот на СП. Од другите континенти, Тунис, Египет и Ангола како претставници на Африка, потоа Катар, Саудиска Арабија, Бахреин и Јужна Кореја од Азија, како и Јапонија која доби „вајлд-карта". За да бидат комплетирани сите учесници се чека одигрувањето на Пан Американските игри, 16 – 24 јуни, кои ќе ги дадат последните мундијалски патници.

СП, закажано од 9 до 27 јануари следната година ќе се игра во четири групи со по шест репрезентации, од кои првите три продолжуваат во главната фаза, додека останатите селекции ќе разигруваат во Президент куп.

Најново во Ракомет