ЗА ПРВПАТ МУНДИЈАЛСКО НАДМУДРУВАЊЕ

Нова шпанска „војна“ меѓу Раул и Паски

Двомечот на националните тимови на Македонија и Романија за пласман на Светското првенство во Данска и Германија во јануари 2019 година, носи и еден дополнителен интересен момент – дуел на шпански стратези, Раул Гонзалез, односно Чави Пасквал.

објавено: 10 јуни 2018 - 12:30

Двомечот на националните тимови на Македонија и Романија за пласман на Светското првенство во Данска и Германија во јануари 2019 година, носи и еден дополнителен интересен момент – дуел на шпански стратези, Раул Гонзалез, односно Чави Пасквал.

Првото надмудрување е закажано за вечерва (20:30 часот) во СЦ „Борис Трајковски), Македонија е домаќин на Романија. 

Раул Гонзалез (во негов стил) би рекол дека ние новинарите бараме приказна и се трудиме од се да направиме сензација, но факт е дека и нашиот селектор, но и оној на клупата на Романија влегува меѓу тренерите кои ја обележуваат последната деценија од европскиот, но и светскиот ракомет.

Дека шпанските стратези се на цена, тоа е повеќе од јасно – од Раул Гонзалез (кој летово од Вардар заминува во ПСЖ), преку Чави Пасквал (Барселона), Хуан Пастор (Пик Сегед), Талант Душебаев (Келце), Амброш Мартин (Ѓер, односно Ростов Дон од следната сезона)... Голем дел од нив имаат двојна функција и како клупски тренери, но и како предводници на репрезентации, а самиот факт дека тргнале од иста средина и дека секој на свој начин шпанската ракометна школа ја шири низ Европа е она што дополнително ги прави интересни нивните дуели.

ПОМЛАДИОТ ГОНЗАЛЕЗ
Македонскиот селектор во оваа приказна е помладиот и помалку искусниот. Раул Гонзалез е две години помлад од Чави Пасквал, а и има поскромен стаж и како клупски тренер, но и како селектор. Сепак она што временски заостанува, не ја намалува неговата вредност, напротив дополнително ја потенцира, со оглед на тоа дека за само четири години како предводник на „црвено-црните" момци од анонимус прерасна во тренер, кој во своето реноме веќе има и една титула во Лигата на шампионите (Вардар, 2017). Не ни сонуваше Шпанецот дека токму победата над ПСЖ во „Ланксес" арената во Келн ќе го „лансира" меѓу „светците", па така најдобриот тренер на светот за 2017 година летово се сели во Париз.
Пред да ги живее бајковитите четири години во Вардар, Гонзалез занаетот го „печеше" како асистент на големиот Талант Душебаев, на кој му беше десна рака прво во Суидад Реал, а потоа и во Атлетико Мадрид.
По Вардар, дојде Македонија на менито на Гонзалез, некако и очекувано, но и потребно за нашиот национален тим, кој доби една поинаква и атмосфера, но и димензија. Мирниот Шпанец се покажа како вистинска одлука на РФМ, кој иако дебитираше перфектно на клупата, како и на ЕП 2018 во Хрватска, за потоа да заврши неславно во Вараждин. Сега има нова шанса. Ќе го предводи А тимот во двомеч, кој ќе значи задржување на континуитетот на големите натпреварувања, а тоа ќе мора да го стори преку својот пријател – Паски.

ПОИСКУСНИОТ – ПАСКВАЛ
Чави Пасквал најголемиот дел од својата кариера, но и комплетното тренерско искуство ги гради во Барселона, клубот од неговиот роден град. Каталонецот дури таму става и крај на неговата играчка кариера и се впушта во тренерски води, а учи од најдобриот – Маноло Кадењас. Три ипол години Паски е асистент на Кадењас за потоа, во 2009 година, да го превземе тимот како прв стратег. Со Барселона изминативе години освои буквално се што можеше да се освои, како на домашната така и на меѓународната сцена.
По фантастичната клупска 2015 година, одлучи да прифати и еден друг предизвик и во 2016 да седне на клупата на Романија. Романците веќе подолго време апстинираат од големите натпреварувања, а токму Шпанецот треба да биде чудотворецот, кој ќе ги врати во живот.

МУНДИЈАЛСКА ПРЕМИЕРА
За двајцата, и за Гонзалез и за Паксвал, ова ќе биде премиерен меѓусебен дуел како селектори, а истовремено и шанса како предводници на еден А тим да се најдат на Светското првенство.
Два тима со шпански селектори и систем на игра одлично познат како за едниот, така и за другиот. Ги гледавме нивните надмудрувања во дуелите на Вардар и Барселона во Лигата на шампионите, па затоа ништо помалку не треба и да очекуваме од баражот меѓу Македонија и Романија. Едно е сигурно и за двајцата влогот е огромен – за Гонзалез за да го задржиме континуитетот, а за Пасквал да ја врати Романија на големата ракометна мапа.

Најново во Ракомет