РОМАНЦИТЕ ДЕФИНИТИВНО НЕМА ДА БИДАТ ЛЕСЕН ПЛЕН

Лазаров предупредува: Пасквал ќе сака да се покаже против Раул! Да не заборавиме ме познава добро како играч

Капитенот на македонската репрезентација, Кирил Лазаров верува дека одново ќе се најдеме на едно големо натпреварување, но истовремено предупредува дека мора да бидеме внимателни против Романија. 

објавено: 4 јуни 2018 - 17:19

Натпреварот со Романија дефинитивно ќе биде надмудрување на двајцата шпански стратези. На едната страна е Раул Гонзалез, додека на другата е Чави Пасквал. Изминатиот период имаа доста пресметки, но на клупско ниво, а најбитната му припадна на селекторот на македонската репрезентација кој со Вардар минатата година во полуфиналето на Ф4 во Келн ја совлада Барселона за пласман во битката за титулата.

Токму поставување на Пасквал на селекторското место на нашиот противник во бараж двомечот за пласман на Светското првенство е доволен показател дека ќе биде тешко против Романија. 

„Треба да се поставиме многу професионално, сериозно и да ја одбработиме задачата. Воопшто нема да биде лесно, како противник Романија е репрезентација со голема традиција, можеби во последната деценија нема големи успеси, ги нема на голема сцена меѓутоа ако се вратиме назад ќе видиме дека се работи за земја со голема, голема традиција.

Полека се реорганизираат, од година во година се повеќе вложуваат, инвестираат во стручен кадар, го донесоа Чави Пасквал од Барселона, а мене добро познат. Со ова ставаат до знаење на сите дека работат максимално професионално. Можеби не е атрактивен противник по име но квалитетен сигурно. Индивидуално ги знам нивните играчи, играат во добри екипи, во добри лиги. Чави Пасквал е многу квалитетен тренер и сигурно дека добро ќе ги подготви. Уверен сум дека ќе се обидат со него да не изненадат. Важно е да бидеме здрави и да немаме повреди, ние сме репрезентација која секој играч ни е важен. Чави Пасквал има проблем со повреди, ќе го нема Шимицу кој игра во Франција, но ќе проба да се покаже со Раул, од битките со Вардар. Тој ќе биде посебно мотивиран. Јас сум негов бивш ракометар, соработувавме четири години, ме познава добро. Мислам дека ќе направи максимален напор, Барселона одамна ја заврши сезоната и имаше повеќе време да размислива на Романија и секако дека ќе го искористи тоа време. Јас сум многу внимателен и сериозен во пресрет на овој двомеч".

Точно е дека репрезентативците зад себе ја имаат напорната сезона, но тоа пак нема биде пречка да дојдат до победа на двомечот со Романија, бидејќи Мундијалот е важен за пласман во квалификациите за ОИ во Токио.

„Како и секоја година овој период е резервиран за овие бараж натпревари, а овој за нас е посебно важен и тој е од круцијална важност. Имаме доволно време добро да се подготвиме, денеска е понеделник а првиот меч е во недела и овие 6-7 денови се доволни. Највжно е да бидеме здрави, крај на сезона е и кај сите постои замор што физички што ментален од целиот дел на сезоната. Си ја знаеме нашата работа, секако дека посакуваме да се пласираме на тоа СП кое исто така е многу важно за нас зошто ќе биде воедно и квалификациско за Олимписките игри во Токио.

 

Најново во Ракомет