ДВАТА ПОРАЗА ПРЕД ЕП НЕ ГО ЗАГРИЖУВААТ СЕЛЕКТОРОТ НА КАДЕТИТЕ

Јовиќ: Овие момци имаат карактер, затоа верувам во нив!

објавено: 7 август 2014 - 12:14

Деновите за подготовка одамна се преполовија за кадетската репрезентација на Македонија и она што останува до почетокот на Европското првенство во Полска е ментално зацврстување и кревање на самодовербата. Момците на Александар Јовиќ одиграа само две контролни средби, против репрезентацијата на Унгарија и, иако загубија и на двете, покажаа дека немаат намера да престанат да се подобруваат. Откако беа поразени со 13 разлика имаа трпение и мотив вториот да го одиграат далеку подобро и да се борат дури и за победа. А таков карактер ќе им биде неопходен на едно првенство, каде што се игра ден за ден.

На првиот натпревар, можеби имаа и почетничка трема, но на вториот видов едно позитивно лице, сите играчи покажаа силен карактер, покажаа дека сакаат да се борат и затоа верувам во нив. Иако, морам да признаам, Унгарците беа физички силни и играа агресивно, згора на тоа во второ полувреме Нелоски и Маркудов добија црвени картони, а Кузмановски се повреди, значи ние скоро цело полувреме игравме без тројца првотимци, но успеавме да се одржиме“, раскажува селекторот Јовиќ низ каков еволутивен процес минуваше формата на неговата селекција минатиот викенд. Од неделата се во Скопје и по еден ден одмор повторно се вратија на два тренинга дневно.

Сега следува завршната фаза од подготовките со помал интензитет на работа, но со акцент на техничко-тактичкиот дел. Максимално ќе се подготвуваме за првиот натпревар со Русија, затоа што од него почнува сѐ, важен е и резултатски, но и за самодоверба на ракометарите“, додава Јовиќ.

Ги доби Талески и Давитковски од јуниорската репрезентација и им даде два дена одмор за да ги има свежи кога ќе му требаат најмногу, но го загуби Кузмановски поради пукната клучна коска. Дополнителен проблем може да биде Горан Крстевски, кој почувствувал болка во коленото на кое лани имал операција. Тој е неизвесен за ЕП, но заздравувањето се движи позитивно и затоа Јовиќ верува дека ќе го има на располагање.

Покрај Русија, наши противници ќе бидат и Данска и Шпанија и затоа задачата да се освои првото или второто место ќе биде пеколно тешка. Селекцијата ќе биде во Скопје до 11 август кога тргнува за Гдањск со автобус. Ќе стигнат наредниот ден и ќе имаат доволно време за одмор и адаптација до 14 август, кога го играме првиот натпревар.

 Владко Арсов

Најново во Ракомет