РЕПРЕЗЕНТАТИВНОТО КРИЛО ПРЕДУПРЕДУВА ПРЕД РЕВАНШОТ

ГЕОРГИЕВСКИ: Мора да бидеме подготвени на сè

„Знаеме дека Романија може да одигра многу повеќе од првиот меч кој го прикажа во Скопје“, внимателен е Гоце Георгиевски.

објавено: 12 јуни 2018 - 19:43

Од Клуж,

Марија Ковачева

Македонија одбројува до вториот дуел со Романија, во Клуж, во бараж фазата за СП 2019.

Репрезентативците се аклиматизираат на романското тло, а ако некој добро ја познава таа средина во нашите редови тоа е крилото Гоце Георгиевски. И тој, како и неговите соиграчи предупредува дека ги чекаат уште тешки 60 минути.

„Што побрзо сфатиме дека утре нè чека нов меч подобро ќе биде за нас. Треба да се заборави првиот меч во Скопје, сега нè чека нова борба. Мора да ги заборавиме и оние +8 гола и да играме од почеток. Знаеме дека Романија може да одигра многу повеќе од првиот меч кој го прикажа во Скопје, мораме да бидеме подготвени на сè.
Не знам дали Паски за три дена би можел нешто многу да смени, можеби нешто во одбраната, нова формација, но горе-доле се знаеме кој-што игра. Повторно останува на нас, да го одиграме нашето и договореното да го пренесеме на терен“, заклучува репрезентативното крило.

Романија и Македонија се соочуваат утре, 17:30 часот, а нашата селекција има резерва од осум гола по победата 32:24 во неделата во Скопје.

Најново во Ракомет