ПРОМЕНИТЕ НА ЕХФ И ИХФ СЕ ВО КОРИСТ НА ИГРАЧИТЕ

ЕП и СП со повеќе учесници, а помалку натпревари

„Сите промени на клупско и репрезентативно ниво се во полза на играчите. Календарот се крои така што Ф4 во Лигата на шампионите во средината на јуни ќе биде последната обврска во сезоната и ракометарите ќе добијат две недели подолг одмор", објаснува првиот човек на ЕХФ, Михаел Видерер.

објавено: 11 февруари 2019 - 17:22

По завршувањето на Светското првенство во Данска и Германија, кое донесе голем број на сериозни повреди кај ракометарите, а подложеше и на низа критики од играчите, првиот човек на ЕХФ, Михаел Видерер се огласи со објаснување за промените кои доаѓаат во ракометот од 2020 година.

Видерер нагласи дека промената на натпреварувачкиот систем во сезоната 2020/2021, проширувањето на ЕП од 16 на 24 екипи во 2020, како и на СП 2021 од 24 на 32 репрезентации нема да го загрози прихичкото и физичкото здравје на играчите.

„Од 2017 година работиме на овие промени, клупски и репрезентативни... И покрај зголемувањето на бројот на учесниците, вкупниот број на натпревари на големите натпреварувања всушност останува ист, односно на СП, дури ќе се игра еден натпревар помалку", објасни Видерер.

ЕП 2020 во Шведска, Австрија и Норвешка, кое ќе биде првото со 24 учесници ќе се одржува и еден ден повеќе, односно наместо 17, ќе трае 18 дена. Групната фаза ќе се игра во шест групи со по четири екипи, од каде првите два тима ќе продолжат во главната фаза, во која бројот на натпреварите се зголемува од три на четири.

Што се однесува до промените на СП и проширувањето од 24 на 32 репрезентации, новиот натпреварувачки систем ќе биде сличен на актуелниот, но бројот на натпревари на финалистите ќе се намали од 10 до девет.

На СП 2021 во Египет прелиминарната фаза ќе биде со осум групи со по четири екипи, со што бројот на натпревари се намалува од пет на три. Трите најдобропласирани селекции од групите одат во главната фаза, која ќе се игра во четири групи со по шест тима, по што ќе следат четвртфиналето, полуфиналето и натпреварите за медали.

Уште една промена е тоа што ЕХФ неделата во јуни, кога обично се играат квалификациските „плеј-оф" натпревари со новиот календар се преместени во април и мај, па Ф4 турнирот во Лигата на шампионите во средината на јуни ќе биде последната обврска во сезоната.

„Сите промени на клупско и репрезентативно ниво се во полза на играчите. Календарот се крои така што Ф4 во Лигата на шампионите во средината на јуни ќе биде последната обврска во сезоната и ракометарите ќе добијат две недели подолг одмор", додава првиот човек на ЕХФ.

Колку за потсетување од сезоната 2020/2021 во Лигата на шампионите ќе се натпреваруваат 16 екипи (две групи по осум), додека ЕХФ купот, ќе добие нов статус, односно ќе се преименува во Европска лига, која ќе брои 24 екипи (четири групи со по шест екипи, по што следат осминафинале, четвртфинале и Ф4).

Најново во Ракомет