И ПОКРАЈ ПЕХОТ РЕПРЕЗЕНТАТИВЕЦОТ ИМА ВЕДАР ДУХ

ДИМИТРИОСКИ: Ќе навивам за Македонија како да сум во Германија

„Жал ми е што повредата се случи на последниот тренинг пред СП. Но, ќе има и следен мундијал за мене, можеби Олимпијада“, оптимистички размислува Димитар Димитриоски.

објавено: 9 јануари 2019 - 14:38

Левото крило на Металург, Димитар Димитриоски, ќе мора да чека некоја следна шанса за да дебитира во дресот на А националниот тим, откако на репрезентативецот му се случи пех, повреда на скочниот зглоб на последниот тренинг пред заминувањето на тимот на СП во Германија и Данска.

Димитриоски остана во Скопје, а неговиот клупски соиграч Милан Лазаревски се најде меѓу 18-те ракометари на кои селекторот Раул Гонзалез ќе смета за мундијалот.

Разочарувањето е големо, но крилото има ведар дух и е голем оптимист.

„Жал ми е што повредата се случи на последниот тренинг пред СП. Секако дека разочарувањето е големо. Пропуштам шанса за деби во А тимот, што секако е голема работа. Но, ќе има и следен мундијал за мене, можеби Олимпијада", оптимистички размислува Димитар Димитриоски, кој додава: „За Македонија ќе навивам како да сум во Германија. Верувам во моите соиграчи и им посакувам голем успех.“

Димитриоски заработи посилно истегнување на лигаментите на скочниот зглоб и го чека пауза од три недели до месец дена, што значи дека не само што го пропушта СП, туку стратегот на Металург, Данило Брестовац нема да може да смета ниту на неговите услуги во подготвителниот период за продолжението од сезоната.

Најново во Ракомет