СЕЛЕКТОРОТ НА СЛОВЕНИЈА ЗА ПРОТИВНИКОТ ВО БАРАЖОТ

БРЕГАР: Македонија ќе направи сè да биде дел од Мундијалот 2019!

Нашата женска сениорска репрезентација во баражот за пласман на Светското првенство во Јапонија ќе игра против селекцијата на Словенија.

објавено: 17 декември 2018 - 09:40

Првата средба ќе се одигра во Македонија во период меѓу 31.05.2019 – 02.06.2019 година, реванш натпреварот сениорките ќе го одиграат во Словенија во период од 04.06.2019 до 06.06.2019 година.

Победникот од бараж двомечот ќе обезбеди учество на СП 2019 во Кумамото, Јапонија во период од 30 ноември до 15 декември 2019 година.

Да потсетиме, нашите најдобри ракометарки на квалификацискиот турнир во Скопје го освои потребното прво место со три максимални победи над Турција, Азербејџан и Исланд.

По подолго време ќе се обиде Македонија повторно да биде дел од Мундијалите, а Словенија која на што туку завршеното ЕП го освои 14. место е можеби добра шанса после 12 години да се врати на светските шампионати, откако ги пропушти последните пет.

Селекторот на Словенија, Урош Брегар:

„Ги избегнавме Чешка, Хрватска и Полска кои играа на ЕП, но како и да е, Македонија која во своите редови ја има една од најдобрите ракометарки, Сара Ристовска, (која ги брани боите на словенечкиот клуб Крим) е репрезентација за секаков респект. Се знаеме од Медитеранските игри каде што водевме голема борба (30:29), мислам дека ривалот е во подем. Ќе направат сè за да нè елиминираат, но и ние ја имаме истата цел, да се пласираме на Светското првенство. Добро е што реваншот ќе го играме на домашен терен, но и важно е сите наши играчи да бидат здрави".

Најново во Ракомет