ПРЕД УТЕШНИОТ РЕПРЕЗЕНТАТИВЕН СОБИР

Андоновски: Миркуловски е незаменлив, не чека тешка задача

„Смената на генерација стана неопходна и добро е што ни се укажува шанса да се бориме за место во репрезентацијата, но исто така и ни е јасно колкава обврска е тоа само по себе“, изјави ракометарот на Пролет, Ласко Андоновски 

објавено: 23 декември 2018 - 21:00

Македонската ракометна репрезентација утре стартува со подготовките за Светското првенство кое во јануари ќе се одржи во Германија и Данска. За разлика од минатите години на овој Мундијал, составот претрпе драстични промени. Големиот борец, Филип Миркуловски поради честите повреди реши да се повлече, а селекторот Раул Гонзалез во своите планови ги нема ниту Немања Прибак и Гоце Ојлески.

Плејмејкерската позиција според списокот од 22 ракометари, останува на одговорност на Филип Кузмановски, Горан Крстески, Марио Танкоски, Ласко Андоновски и Филип Чурлевски.

Андоновски кој и претходно бил на поширокиот список на македонската репрезентација е подготвен да се бори за место меѓу конечните патници за Германија. 

„Презадоволен сум што се најдов и на тој скратен список на селекторот, што ми дава шанса да се борам за место на СП. Знам дека нема да биде лесно, пред нас е напорен период на тренинзи, но ќе сторам се што е во моја моќ за да го убедам стручниот штаб во моите квалитети. Секако дека ќе недостига искуството на Миркуловски, тој е играч што со своите квалитети, но и со карактерот што го поседува остави силен печат во македонската репрезентација со години наназад. Смената на генерација стана неопходна и добро е што ни се укажува шанса да се бориме за место во репрезентацијата, но исто така и ни е јасно колкава обврска е тоа само по себе, на едно големо натпреварување како што е Светското првенство", вели капитенот на Тинекс Пролет.

Најново во Ракомет