ВКУПНО ПЕТ ИМИЊА ЈА НАПУШТИЈА АВТОКОМАНДА

Нови ракометари во Металург: Хрватски пикер, српски голман...!

Македонскиот вицешампион новата сезона ќе ја започне во состав кој во добра мера се разликува од оној од лани.

објавено: 6 август 2018 - 21:47

Клубот го напуштија пикерот Жарко Пешевски, левите крила Вања Илиќ и Давор Палевски, левиот бек Борјан Маџовски и десното крило Александар Гуглета.

Затоа, пак, ново име во тимот од Автокоманда е хрватскиот пикер Адријан Миличевиќ (20), кој досега настапувал за Пореч, Карловац и ППД Загреб и кој е прогласен за најдобар играч на последното кадетско ЕП. Миличевиќ со Металург потпиша двегодишен договор.

Ново име во Металург е и српскиот голман Предраг Мијатовиќ (16), кој доаѓа од белградски Партизан и кој со клубот потпиша тригодишен договор. Повратници во Металург се десниот бек Томислав Јагуриновски, кој се врати од позајмица, левото крило Бојан Маџовски, кој склучи едногодишен договор со Металург и рехабилитираниот централен бек Лука Стојановиќ, кој почна да го одработува својот двегодишен договор. Нови четиригодишни договори потпишаа талентираните Стефан Додиќ и Михајло Младеновиќ. Веќе објавивме дека денеска тимот започна со подготовките за новата сезона. Повеќе прочитајте ТУКА 

„Ростерот се уште е отворен, па ќе видиме што ќе ни недостасува и таму каде што ќе има потреба ќе пополнуваме, најверојатно со некој странски играч. Сепак, тоа нема да го направиме по секоја цена, туку тоа ќе мора да биде млад и квалитетен играч на позиција каде што ќе ни треба. Сепак, прво ќе видиме како ќе течат работите и како ќе реагираат играчите на првите натпревари. Секој сам си ја крои судбината. Со моите соработници ќе настојуваме да донесеме правилна одлука, правилно да го селектираме тимот и да го подготвиме за сезоната што ни претстои", вели шефот на стручниот штаб на Металург, Данило Брестовац.

Најново во Ракомет