ТРИ ДЕНА ЌЕ ТРЕНИРААТ „СИНО-БЕЛИТЕ“ ВО АВТОКОМАНДА

Металург ги почна подготовките за новата сезона

Шефот на стручниот штаб на македонскиот вицешампион, Данило Брестовац на располагање ги имаше сите свои ракометари, со исклучок на новиот голман Предраг Мијатовиќ, кој доаѓа утре, и на Халил Јагањац, кој на тимот ќе му се приклучи в среда.

објавено: 6 август 2018 - 21:15

Во следните три дена Металург ќе тренира во Автокоманда, а в четврток заминува во Маврово каде што до 18 август ќе го реализира предвидениот план за подготовки на екипата.

Поради селекторските обврски во кадетската репрезентација, која од 9 до 19 ќе настапи на ЕХФ шампионатот во Грузија, Брестовац ќе го пропушти првиот дел од подготовките на Металург и првиот натпревар со Вардар во Суперкупот. Во тој период до 20 август, подготовките ќе ги водат неговите асистенти, Оливер Димитриоски и Петар Мисовски.

„Подготовките решив да ги поделам во три микро-циклуси. Првиот циклус до средбата со Вардар во Суперкупот, вториот до почетокот на СЕХА-лигата и третиот до почетокот на Лигата на шампионите. Тие играчи кои беа дел од младинската репрезентација веќе го знаат мојот систем на работа. Мислам дека тоа нема да биде напорен ритам и другите брзо ќе се приспособат. Треба да се подготвиме добро и физички и техничко-тактички и вистинската форма да ја постигнеме до стартот на натпреварите во Лигата на шампионите", вели Брестовац.

Најново во Ракомет