НА СТАРТОТ ОД ЕХФ ШАМПИОНАТОТ

Македонските ракометари ја „прегазија“ Велика Британија

Денеска во Скопје започна ЕХФ Шампионатот У20, успешен настап на стартот имаше машката младинска репрезентација на Македонија.

објавено: 20 јули 2018 - 21:24

Во СЦ „Борис Трајковски" - Скопје нашите ракометни надежи предводени од селекторот Данило Брестовац во рамките од групата Б убедливо ја совладаа селекцијата на Велика Британија со резултат 32:15 (15:5). Претходно Швајцарија со 28:25 беше подобра од Украина.

Уште на стартот нашите надежи направија огромна серја од 13:3 кога Британците го постигнаа и четвртиот гол, а на полувремето беше 15:5 како најава за прва победа.

Во второто полувреме предноста беше зголемена на 23:9, а Брестовац им даде шанса на сите ракометари. Последниот дел од дуелот беше исполнет со неколку атрактивни одбрани, акции и голови.

Мице Шилегов беше прогласен за играч на мечот. Шилегов имаше осум голови, два помалку Димитар Димитриоски, а четири забележа Ненад Костески.

Серафимов и Танкоски имаа по три, по два Арсеновски и Мишевски, а по еден погодок Димитровски, Кукуловски, Петровски и Стојановски.

Да потсетиме, најдобропласираните две репрезентации од секоја група, ќе вкрстат во полуфиналните средби што ќе се играат на 28 јули, додека останатите селекции ќе разигруваат за пониските места на турнирот.

Финалето, мечот за третото место и сите останати натпревари за пласман се играат на 29 јули. Највисоката позиција носи пласман на Европското првенство.

Влезот во салата за сите натпревари на турнирот е слободен. Вториот меч од групата нашата репрезентација ќе го има во понеделник од 18:00 часот против Италија.

Најново во Ракомет