ВАРДАР ГО ПРЕЧЕКУВА МЕШКОВ БРЕСТ

Време е за расчистување на сметките и враќање на победите

„Ова е тежок и важен меч и ни треба победа. Мешков е добар тим, играат силна одбрана и агресивно. Нема да биде лесно, а ние се обидуваме да се подготвиме најдобро што можеме и да ги освоиме бодовите“, вели Роберто Гарсија Парондо пред денешниот дуел. 

објавено: 3 ноември 2018 - 10:00

Вардар не памети три порази во низа, два од нив се во СЕХА-лигата и еден во Лигата на шампионите. Роберто Гарсија Парондо и неговите избраници денеска (17:30 часот) имаат шанса да им се вратат на победите и тоа во елитното натпреварување, во кое водат битка за првото место на табелата во групата А заедно со Барселона и Келце. 

Во СЦ „Јане Сандански“ гостува Мешков Брест, тимот кој пред пет дена му го нанесе третиот пораз (втор во СЕХА-лигата) на македонскиот првак. Белоруската екипа не ја почувствува вистинската сила на Вардар, во Брест „црвено-црните“ отпатуваа со млади ракометари. 

Двете екипи добро се познаваат, во последните две-три години Мешков Брест редовно го напуштал Скопје поразен. Единствен проблем за Парондо е суспензијата на Вуко Борозан, на чие место пак ќе настапи Кристијан Дисингер.

„Се обидуваме да го подготвиме тимот бидејќи е тешко поради тоа што играчите беа со репрезентацијата и немавме воопшто заеднички тренинзи. Ова е тежок и важен меч и ни треба победа. Мешков е добар тим, играат силна одбрана и агресивно. Нема да биде лесно, а ние се обидуваме да се подготвиме најдобро што можеме и да ги освоиме бодовите“, рече Роберто Парондо.

Македонскиот тим, продолжението од сезоната го пречекува со осум бода исто колку и лидерот Барселона и третопласираниот Келце, кој на домашен терен успеа да им го нанесе првиот пораз на ракометарите.  

 

Најново во Ракомет