САМО ХРВАТОТ ЌЕ ЈА ПРЕСКОКНЕ ПРОЗИВКАТА НА ПАРОНДО

Вардар тргнува без Чупиќ

Новиот стратег на „црвено-црните“, Роберто Гарсија Парондо на стартот на подготовките нема да смета на хрватскиот интернационалец, Иван Чупиќ. 

објавено: 24 јули 2018 - 12:00

Вардар денеска (18 часот) и официјално стартува со подготовките за новата сезона. Под водство на Роберто Гарсија Парондо македонскиот првак ќе се обиде на фановите да им пружи уште едно незаборавно доживување во Лигата на шампионите.

Во СЦ „Јане Сандански“ ќе продефилираат новите засилувања, Дејан Милосављев, Срегеј Горбок, Сташ Скубе и Дмитри Кисељов. Во составот од златната генерација останаа Стојанче Стоилов, Иван Чупиќ, Игор Карачиќ, Вуко Борозан, Тимур Дибиров, Рожерио Мораес, Данис Кристопанс, Данил Шишкарев, Јања Војводиќ, Даниел Ѓорѓески  и Страхиња Милиќ.

Засега најавите се дека денешната прозивка ќе ја пропушти хрватскиот интернационалец, Иван Чупиќ, поради приватни причини.

Според планот за работа, „црвено-црните“ во Скопје ќе останат до 31 јули, по што заминуваат во Крањска Гора, Словенија. Од 10. до 13. август, Вардар ќе учествува на меѓународен турнир во Германија. На 18. август во Струга е закажан Супер Купот на Македонија против Металург. 

Последната контрола пред стартот на новата сезона ќе биде во Стразбург, Франција. Вардар ќе биде во група заедно со ПСЖ и Мешков Брест, а учество ќе земат Нант, Монпелје и Веспрем.

Што се однесува до Лигата на шампионите, македонскиот првак во групната фаза силите ќе ги одмери со Монпелје, Рајн Некар, Веспрем, Келце, Барселона, Кристијанштад и Мешков Брест. 

 

Најново во Ракомет