НЕМА ОДМОР, ВИЦЕШАМПИОНОТ ГО ЧЕКА МЕЧ ОД ЛШ

Состави и ТВ-инфо за Металург - Спортинг

„Натпреварот со екипата на Спортинг е веќе друга работа, бидејќи се работи за сериозна екипа со огромно искуство на нејзините ракометари“, изјави Брестовац. 

објавено: 8 ноември 2018 - 12:55

Ракометарите на Металург немаат време ниту за тагување, ниту за одмор. По поразот од Стеауа Букурешт во СЕХА-лигата, вечерва треба да се исправат во СЦ „Борис Трајковски“ гостува Спортинг Лисабон во меч од Лигата на шампионите.

Тренерот Данило Брестовац на располагање ќе ги има сите ракометари. За разлика од дуелот со романскиот тим, овој пат неговите момци ќе мора да одиграат без грешка доколку сакаат да дојдат до втората победа во елитното натпреварување.

„Натпреварот со екипата на Спортинг е веќе друга работа, бидејќи се работи за сериозна екипа со огромно искуство на нејзините ракометари. Спортинг има одличен тим и е квалитетно покриен на сите позиции. Што да кажам, ќе се обидеме најдобро да се подготвиме за овој натпревар. Гледајќи ја нашата игра од вчерашното прво полувреме, имам надеж дека можеме да се обидеме да победиме на овој натпревар. Победите годат, но уште повеќе радува ако тимот добро игра. Морам да кажам дека во оваа фаза од сезоната резултатите за мене се во втор план и така ќе биде се до почетокот на македонското првенство. Најважно за мене е напорно да тренираме, добро да играме, а ако биде се така – резултатите сами ќе си дојдат", вели Данило Брестовац.

Натпреварот меѓу Металург и Спортинг Лисабон може да ги гледате на Арена Спорт 1.

СОСТАВИ:

РК Металург: Томовски, Даниловски, Арсеновски, Димитриоски, Јагуриноски, Лазаревски, Маџовски, Миличевиќ, Пучник, Рибеиро, Серафимов, Шилегов, Шпенде, Танкоски, Токиќ и Велковски.

Спортинг Лисабон: Араујо, Ашанин, Бјелановиќ, Карнеиро, Карол, Чудиќ, Фраде, Грацио, Никчевиќ, Рејс, Роча, Роча Чиуфа, Руезга, Скок, Стјепановиќ и Веита Валдез.

Средбата ќе ја судат Французите Саид Бунуар и Халид Сами, додека делегат ќе биде Панос Антониу од Кипар.

Најново во Ракомет