ФРАНЦУСКИОТ ТИМ Е ПРВИОТ ПАТНИК НА Ф4

ПСЖ со стил го завери местото во Келн, одново го совлада Келце

Очекувано, ПСЖ е првиот тим кој се пласира на фајнл-фор завршницата во Келн, откако и на реванш мечот го совлада Келце со 35-32.

објавено: 28 април 2018 - 19:09

ПСЖ е пред нова шанса да дојде до посакуваната шампионска титула. Откако лани не успеа тоа благодарение на Вардар, оваа сезона одново ќе се обиде да се искачи на тронот. Францускиот тим во голем стил го потврди местото на фајнл-форот во Келн, откако и на вториот четвртфинален меч го совлада Келце со 35-32. 

Полскиот тим не беше ниту близу до сензација. По водството на домашниот тим на полувремето (17-15), по одморот на кратко успеа да поведе со два гола разлика (22-24), но тука и застана. До крајот доминираа само ракометарите на ПСЖ. 

Недим Ремили со девет погодоци од 14 обиди беше најефикасен кај победникот, Хансен и Нилсен имаа по пет гола. Во таборот на Келце по пет погодоци имаа Алекс Душебаев и Карол Бјелецки.

 

 

Најново во Ракомет