И ПО ЧЕТВРТОТО КОЛО НЕ СЕ ПРОМЕНИ НИШТО

Перфектното друштво останува исто - Вардар, ПСЖ на Раул и Пик Сегед

Само три тима од групите А и Б по четвртото коло во Лигата на шампионите останаа непоразени. 

објавено: 7 октомври 2018 - 08:30

Вардар останува лидер на табелата во групата А и по четвртото коло во Лигата на шампионите. Роберто Гарсија Парондо и неговите избраници на домашен терен го совладаа Рајн Некар со 29-27 за четврта победа во низа најавувајќи дека овој состав има сили за многу повеќе. 

Македонскиот првак заедно со ПСЖ предводен од Раул Гонзалез и Пик Сегед ја сочинуваат перфектната тројка на тимови без пораз. Вардар зад себе ги има големите победи над Монпелје, Веспрем, Рајн Некар и Кристијанштад, а за да ја продолжи оваа серија ќе треба да го совлада Келце на гостински терен, на 14 октомври.

Парондо не само што има старт од соништата, по првите четири кола има подобар скор од неговиот претходник, Раул Гонзалез, кој минатата сезона по трите победи одигра реми на гости кај Пик Сегед. 

Во групата А, „црвено-црните“ имаа максимални осум бода, зад него се Барселона и Келце со шест бода, по што следуваат Рајн Некар, Мешков Брест, Веспрем, Монпелје и Кристијанштад. 

ПСЖ има добра шанса да дојде до петата победа, му гостува на Скјер, додека пак Пик Сегед по триумфот над Целје го пречекува Фленсбург.

 

Најново во Ракомет