ВАРДАР ВО ГОЛЕМ СТИЛ ИМ СЕ ВРАТИ НА ПОБЕДИТЕ

ОВА Е СВЕТОТ НА ШАМПИОНИТЕ: „Експлозија“ на Карачиќ, Брест е само лесен тест

Вардар нема милост. Мешков Брест ја почувствува вистинската сила на македонскиот првак, од Скопје си заминува со убедлив пораз од 30-23. 

објавено: 3 ноември 2018 - 19:00

Вардар во голем стил им се врати на победите во Лигата на шампионите, на домашен терен го совлада Мешков Брест со 30-23 (14-14) во рамките на шестото коло и остана во игра за првото место во групата А. Играч на мечот беше Игор Карачиќ, не дозволи во ниту еден момент да се почувствува отсуството на Вуко Борозан.

Роберто Гарсија Парондо беше принуден да импровизира на левата бековска позиција, Карачиќ одлично ја заврши својата задача, со 11 погодоци од 13 обиди беше најефикасен на терен, ова беше и една од најдобрите партии на хрватскиот интернационалец во дресот на нашиот тим. Пред крајот на првото полувреме влезе Кристијан Дисингер, но кого разбирливо му е потребно време да се вклопи. Германецот беше добар во дефанзивата, заедно со Кристопанс и Калараш. 

Вардар го немаше посакуваниот старт, првите 15. минути од мечот му припаднаа на Мешков Брест. Иван Пешиќ имаше четири одбрани во овој дел, гостите држеа позитива од два гола 2-4 во седмата минута, потоа 5-7 и 6-8. Се разбудија „црвено-црните“, Кулак доби две минути исклучување, Кристопанс, Диниров и Карачиќ во 17. минута му го донесоа првото водство на Вардар. Резултатската „нишалка“ продолжи, Мешков ја врати позитивата 9-10. Дибиров и Чупиќ на седум минути до крајот вратија за 11-10. Вардар имаше шанса да поведе и со плус два, на крајот на одморот замина со 14-14.

Најефикасниот од првиот дел, Карачиќ продолжи во исто темпо. Хрватскиот репрезентативец беше максимално мотивиран, и тоа како сакаше да се одмазди за СЕХА поразот. По 15-16, македонскиот првак направи серија од 4-1 за водство 19-17, три гола беа дело на Карачиќ, заедно со Скубе беа на нивото на задачата, главниот мотор во тимот. 

Зајакна одбраната, Милосављев фати седмерец, Гедбан беше одличен, машинеријата испука пет гола за највисоки 25-19 во 49. минута. „Црвено-црните“ дојдоа и плус седум (28-20) на шест минути до крајот, носени од своите фанови лесно ја пробиваа одбраната на противникот. Мешков Брест од 40 до 52 минута имаше само два гола (Шумак и Хорна), а за ова заслужен беше и алжирскиот младински репрезентативец со 12 интервенции најави дека местото му е сосема заслужено. 

Покрај Карачиќ, меѓу најефикасните беа Чупиќ и Дибиров со по шест гола.

Ова беше петта победа за македонскиот шампион оваа сезона, кој утре ќе ја чека разврската од дуелот меѓу Барселона и Келце. 

Во следното коло македонскиот првак игра исто на домашен терен, во Скопје гостува Барселона.  

Најново во Ракомет