МАКЕДОНСКИТЕ ТИМОВИ ЈА ПОЧНУВААТ НОВАТА АВАНТУРА ВО ЛШ

Монпелје ќе покаже каков ќе биде овој Вардар

Вардар и Металург денеска ја отвараат новата сезона во Лигата на шампионите. Македонскиот првак му гостува на бранителот на титулата, додека тимот од Автокоманда игра против Спортинг Лисабон. 

објавено: 15 септември 2018 - 11:30

Македонските тимови денеска ја отвараат новата сезона во Лигата на шампионите и тоа на гостински терен. 

„Црвено-црните“ вртат нова страница во елитното натпреварување. Во текот на подготовките многумина се прашуваа каков ќе биде овој Вардар, по заминувањето на Раул Гонзалез, човекот кој успеа да созададе шампионски тим, како и момците кои беа дел од златната историја, како Арпад Штербик, Лука Циндиќ, Илија Абутовиќ, Хорхе Македа, Жоан Кањелас, Мијајло Марсениќ, Страхиња Милиќ.. Одговорот на ова прашање ќе го добиеме денеска (17:30 часот) во Монпелје, судбината посака „црвено-црните" на стартот да се пресметаат со тимот кој ги елиминираше во полуфиналето на фајнл-фор завршницата во Келн. Пресметката меѓу некогашниот и сегашниот првак е во центарот на вниманието. 

Со многу новитети македонскиот тим тргнува во шестата сезона во Лигата на шампионите Бројните промени го ставија во сенка, струњчаците не му даваат шанса за пласман меѓу четирите најдобри екипи во Европа. Но, ваквите предвидувања се прерани...Последниот збор, сепак го имаат играчите.

Новите имиња во составот, како и новиот стратег, Роберто Гарсија Парондо, може да донесат многу позитивни работи во таборот на Вардар. Ако до лани беше „позната" тактиката, како и силните и лошите страни на ракометарите, овој пат нашиот првак влегува со многу непознаници.

Сташ Скубе, Димитри Кисељев, Глеб Калараш, Дејан Милосављев, Грегор Орвирк...се дел од имињата кои заедно со останатите играчи треба да го продолжат трендот и оваа сезона.

МЕТАЛУРГ СО 13 РАКОМЕТАРИ ВО ЛИСАБОН

За разлика од Вардар, Металург е во поголеми проблеми. Данило Брестовац на денешниот меч против Спортинг Лисабон (19:30 часот) на располагање ќе има само 13 ракометари. Поради повреди во Скопје останаа Мартин Велковски и Томи Јагуриновски, а додека Марио Танкоски ќе биде во составот, но прашање е колку ќе може да помогне. Металург непосредно пред стартот на ЛШ остана и без капитенот, Филип Кузмановски, кој својата кариера ќе ја продолжи во Еурофарм Работник. Во една ваква ситуација Брестовац и неговите момци остануваат достојно да му се спротистават на Спортинг, кој има подолга клупа, која сигурно ќе ја искористи максимално.

 

 

Најново во Ракомет