„ЦРВЕНО-ЦРНАТА„ МАШИНЕРИЈА ПРОДОЛЖУВА ДА ГАЗИ

Лавовската битка за Вардар, Рајн Некар спружен во Скопје (ФОТОГАЛЕРИЈА)

Македонскиот првак продолжи во победнички ритам, ја забележа четвртата победа, на домашен терен го совлада Рајн Некар со (29-27)

објавено: 6 октомври 2018 - 19:04

Македонскиот првак продолжува да гази сезонава, во СЦ „Јане Сандански“ падна Рајн Некар. „Црвено-црните“ го совладаа со 28-27 за четвртти триумф во низа. 

За првпат сезонава Вардар играше пред речиси полна сала, атмосфера на која момците во „црвено-црните“ уживаа сезоните наназад. Токму големата поддршка која доаѓаше од трибините им даде ветер во грб на „црвено-црните“, особено во второто полувреме во кое успеаја да се вратат по негативата од 13-15 во првите 30. минути. 

Заиграа избраниците на Роберто Гарсија шампионски, на крајот сосема заслужено се радуваа на нова победа. И овој пат во центарот на вниманието беше Дејан Милосављев со 11 интервенции. Играч на мечот беше Тимур Дибиров со осум погодоци од девет обиди.

Рајн Некар го отвори мечот, Вардар првите два гола ги постигна од седум метри, Иван Чупиќ на двапати беше прецизен. Гостите полека се обидуваа да го наметнат брзо темпо, избраниците на Роберто Гарсија Парондо имаа проблем со реализација, искористи РНЛ. Со голот на Петерсон во 10 минута за првпат имаше плус два 3-5. Се вратија брзо, Борозан и Калараш во 13. минута израмнија на 5-5, а потоа ја пропуштија првата шанса за прво водство.

Стигна казната „лавовите“ направија серија од 3-1 за највисоки 7-10 во 19. минута, период во кој имаа играч помалку. Вардар како да немаше време да ја намести одбраната. Паличка го спречи Чупиќ да ја продолжи серијата на седмерци, а РНЛ во 28. минута дојде на плус четири (11-15). На полувремето резултатот беше 13-15.

Вардар отвори со серија од 3-0 (два гола на Дибиров и еден на Борозан) и за првпат поведе на мечот со 16-15. Водството од еден гол го чуваа до 40. минута, Петерсон и Шмид со мини серија ја вратија минималната позитива од 20-21. Носени од пеколната атмосфера, Скубе, кој се врати на теренот иако на момент изгледаше дека сериозно е повреден, а потоа Карачиќ со два погодоци донесе за првпат водство од два гола 23-21. Милосављев и тоа како се разбуди во второто полувреме, фати седмерец, запиша важни одбрани, а Вардар во 50. минута влезе со 27-24. 

„Лавовите“ дојдоа на минус еден (28-27), но на три минути до крајот останаа со играч помалку. Дибиров погоди важен седмерец за 29-27. Тука и беше крајот...

Во следното коло, Вардар му гостува на Келце во рамките на петото коло во ЛШ. 

Најново во Ракомет