ДА СЕ ИГРА ВО „ШПАРКАСЕН“ АРЕНАТА НЕ Е ЗАБАВНО, ЗАТОА...

Кил апелира: Играме против најдобриот тим, потребна ни е полна сала

Она што е заедничко за Кил и Вардар е големата поддршка што ја добиваат од трибините. И двата тима на домашен терен се големи фаворити. 

објавено: 22 април 2018 - 08:00

Кил и Вардар денеска (17 часот) ја почнуваат битката за Келн. Бундеслигашот сака да се врати меѓу четирите екипи во Лигата на шампионите, каде досега има освоено три титули, додека пак Раул Гонзалез и неговите избраници сакаат да и пркосат на традицијата, да го одбранат тронот, нешто што не му успеало на ниту еден тим.

Она што е доста интересно е што Вардар и Кил се немаат соочено во последните пет сезони во Лигата на шампионите, односно во руската ера на „црвено-црните", а немаат одиграно ниту пријателски меч. 

Двата тима патот до посакуваната цел ќе ја бараат со помош на поддршката од трибините. А кога станува збор за тоа, тука се еднакви. Исто како што вардаровите фанови се подготвени да му „послужат" на Кил скопски „пекол" нема сомневање дека и поддржувачите на „зебрите" ќе го сторат истото.

Токму затоа стурчниот штаб и играчите изминатите денови постојано испраќаа апел до навивачите.

„Играме против најдобриот тим во Лигата на шампионите. Потребна ни е полна сала и силна поддршка в недела", изјави стратегот на Кил, Алфред Гисласон.

Дека во Кил е тешко да се игра потврди вардарецот, Жоан Кањелас, кој од таборот на германскиот тим дојде  во Скопје.

„Тоа што сме европски шампиони и што завршивме први во групната фаза не значи дека сме фаворити кога гостуваме во 'Шпаркасе'арената. Да си гостин таму воопшто не е забавно. Ќе мора да се приспособиме на една посебна атмосфера за игра“.

Најново во Ракомет