ПРВ ДОМАШЕН ПОРАЗ НА МАКЕДОНСКИОТ ПРВАК СЕЗОНАВА

Капитулација на вардаровата одбрана пред моќната Барса

Битката за првото место во групата А е изгубена, Барселона среде „Јане Сандански“ покажа зошто сезонава е најсериозен кандидат за освојување на титулата во Лигата на шампионите. 

објавено: 11 ноември 2018 - 18:27

Македонскиот првак за првпат сезоната е поразен пред својата публика, најсилното оружје до седмото коло целосно капитулираше пред каталонската машинерија. Барселона е првиот тим кој од пеколниот „Јане Сандански“ (имаше околу 7.000 публика) си заминува со целиот плен, славеше со 26-30 (9-13). И не е само тоа, битката за првото место е загубена, на врвот е токму Чави Пасквал и неговите момци. 

Тимур Дибиров со шест погодоци беше најефикасен, Данис Кристопанс имаше пет погодоци,еден помалку имаше Иван Чупиќ. На другата страна Дика Мем имаше осум погодоци. 

Вардар беше далеку од посакуваното ниво во првото полувреме. Избраниците на Роберто Гарсија Парондо направија 11 недозволиви технички грешки против „машина“ како што е Барселона. „Црвено-црните“ во овој дел двапати по пет минути апстинираа од погодок, од 2-та до 8-та минута односно од 16. до 21. минута.

Гостите отворија со 1-5 (Пасквал за почеток постави 5-1 одбрана), Чупиќ и Дибиров со два гола довлижија на 4-5 во 10. минута. Стоилов заработи две минути исклучување, а Барселона поведе со 6-10 ова беше вториот период во кој „црвено-црните“ не можеа да постигнат гол. По погодокот на Борозан за 7-10 следеше нов пад во играта и нова серија на технички грешки, противникот набрзина го зголеми водството овој пат на највисоки 7-13 во 28. минута. На полувремето беше 9-13.

Со играч помалку го почна Вардар второто полувреме, Барса одново се искачи на плус шест 10-16 и 12-18. Иако и двата голмани имаа важни интервенции, но најмоќното оружје на „црвено-црните“ - одбраната капитулираше пред шпанскиот тим, кој во 44. минута поведе со 16-23 и 17-24. 

До крајот македонскиот тим немаше никакви шанси за пресврт, ритамот кој го наметнаа гостите едноствано не беше прифатлив за момците во „црвено-црно“. 

Парондо о неговите избраници веќе следниот викенд ќе имаат шанса за реванш, во сабота и гостуваат на Барселона. 

Најново во Ракомет