МАКЕДОНСКИОТ ВИЦЕПРАВК БЕЗ ШАНСА

И во Чехов стара приказна, нов пораз за Металург

Металург само еднаш посериозно се закани на Чеховски Медведи, недоволно за прва радост во Лигата на шампионите. 

објавено: 13 октомври 2018 - 16:26

Нов петти пораз забележа Металург во Лигата на шампионите, овој пат на гостувањето кај Чеховски Медведи 33-25. Без Данило Брестовац на кормилото (доби суспензија од еден меч) ракометарите на македонскиот вицепрвак тешко се снаоѓаа во Чехов. Само еднаш посериозно се заканија во 43. минута кога намалија на 21-20. 

Јагањац со седум гола беше прв стрелец кај Металург, четири гола имаше Токиќ.

Домаќинот не им остави простор на „металурзите", по 14. минути игра имаше позитива од 10-4. Токиќ повлече серија од 3-0 за 11-8, но Чеховски Медведи умешно одржуваше предност од пет до четири гола. На полувремето беше 18-13.

Металург второто полувреме го отвори со три гола, се доближи на 18-16 и не искористи шанса да направи целосен пресврт. Јагањац, Велковски и Танкоски беа креатори на оваа серија. Противникот првиот гол го постигна по девет минути игра 19-16.

Најрасположените Токиќ и Јагањац во 43. минута намалија на 21-20, ги искористија промашувањата на домаќинот. Не го задржаа ритамот, Чеховски со шест гола во серија се искачи на 28-21 во 50. минута. Очекувано, „металурзите“ не успеаја да се вратат на крајот мораа да се помират со петтиот пораз во елитното натпреварување.

Во истата група, Бешикташ за кого настапува Немања Прибак на домашен терен беше совладан од Силкеборг со 37-24 и покрај одличната партија на македонскиот репрезентативец, кој мечот го заврши со пет погодоци од исто толку обиди.

Најново во Ракомет