ВАРДАР РЕЧИСИ КОМПЛЕТЕН

ДОБРА ВЕСТ: Борозан и Мораес во комбинација за Веспрем

Второто место во Групата А, Вардар ќе успее да го одбрани од главните конкуренти, доколку и во сабота го совлада Веспрем на домашен терен. 

објавено: 11 февруари 2019 - 13:00

Добри вести доаѓаат од таборот на Вардар. Роберто Гарсија Парондо во подготовките за дуелот со Веспрем на располагање ги има двајцата повредени играчи, Вуко Борозан и Рожерио Мораес, кои поради оперативни зафати на колената долго време беа надвор од терените.

Црногорскиот лев бе и бразилскиот пикер тренираат заедно со останатите момци, па доколку се чувствуваат добро, ќе се најдат во составот за саботната пресметка со унгарскиот вицепрвак, уште една тешка битка за задржување на второто место во групата А, која носи полесен противник во осминафиналето во ЛШ.

Мораес беше еден од клучните играчи за првиот триумф сезонава над Веспрем на гостински терен. Бразилецот се повреди, а потоа на своја одговорност одлучи да се врати на теренот, момент кој беше пресуден за победата (25-27). Борозан пак на оваа средба беше втор стрелец со пет погодоци, еден гол повеќе имаше Дибиров.

Билетите за мечот меѓу Вардар и Веспрем (сабота, 17:30 часот) веќе одамна се пуштени во слободна продажба, според последните информации останати се помалку од 300 билети.

Најново во Ракомет