ЌЕ НИ БИДЕ ТЕШКО ДА СЕ НАВИКНЕМЕ НА ПОИНАКОВ ВАРДАР

Чупиќ: Како следната сезона? Ова ќе го заборавиме, мора да се ресетираме! Имаме обврска кон овој дрес, кон навивачите

Хрватскиот интернационалец со тешко срце го прифаќа фактот дека пола тима на македонскиот тим, на чело со Раул Гонзалез си заминува...

објавено: 28 мај 2018 - 09:00

Од Келн,

Марија Ковачева и Весна Николовска

Точката е ставена. Нема враќање назад, Вардар мора да гледа напред. Не поради поразите во Келн и освоеното четврто место, туку поради она што го очекува следната сезона.

Иако никој не посакуваше да дојде и овој ден, но таков е спортот. Златниот состав на „црвено-црните" заминува во историја. Рано е да се прогнозира како ќе изгледа новиот, но едно е сигурно нема да биде исто.

Овие момци заедно со шпанскиот стратег минаа долги години заедно, гордо го претставуваа македонскиот ракомет во Европа, благодарение на нив го искачивме врвот, сите почувствувавме како е да си таму...

Иван Чупиќ, еден од ракометарите кои и следната сезона ќе биде дел од Вардар со тешко срце го прифаќа фактот дека дојде време за разделба, но истовремено ни влева надеж дека храбрата игра ќе биде главна одлика и на новиот состав.

„Па...и никако и секако. Почнуваме од почеток. И кога ќе освоиш и кога нема да освоиш почнуваш од нула. Ова ќе го заборавиме, барем ние играчите, ќе се ресетираме. Идната сезона имаме нова екипа, нов тренер. Имаме обврска кон нас самите, кон навивачите и кон овој дрес. Идната година ќе биде тешка како секоја, кој знае, можеби ќе влеземе порастоварени и полабави од оваа, но веќе самите на себеси ја кренавме летвичката високо низ овие сезони. Сакаме да го претставуваме Вардар и самите себе во најдобро светло. Верувам дека, ако малку имаме среќа и ако нè заобиколат повредите ќе можеме да играме и да се бориме со секого. Тоа е она што луѓето го сакаат и што го препознаваат. Е сега, некогаш ќе има полоши, некогаш подобри денови", рече Чупиќ.

Искусниот ракометар потенцира дека она што Вардар го прави во моментов е голема работа и за Македонија, но и за балканскиот ракомет.

„Јас би рекол, исто како примерот со хрватската репрезентација. Македонија е мала земја, Вардар е голем клуб, но го претставувавме Балканот достојно и минатата година и оваа година и видовме дека Вардар е еден од најголемите во Европа. До душа, за мене ако не сум прв ништо друго не ми е доволно, а такви се и моите соиграчи. Сепак мислам дека ова е голема работа и за Македонија и за балканскиот ракомет и јас се надевам дека и во наредните години ќе остане традиција дека, барем, по еден балкански клуб ќе оди во Келн. Нашиот ракомет е препознатлив, има многу добри играчи од Балканот и со малку вакви луѓе како што се Зоран Гобац, Сергеј Самсоненко, мислам дека ракометот на Балканот треба да опстане и дека не мора баш сè да биде во финансиите".

Никој од играчите не сакаше да се збогува со Вардар на овој начин. Пред Келн сите сонуваа дека ќе стават крај на проклетството во Лигата на шампионите...

„Сакавме, многу се подготвувавме, ама за жал вака излезе. Арпад кој е четири години овде не можеше да се прости како што треба. Абутовиќ, кој е седум години овде не можеше да се прости со последен натпревар. За жал тие својот последен меч го одиграа вчера.
Минатата година, на пример, одигравме два добри натпревара, имавме и малку среќа, двапати победивме со по еден разлика. Оваа година повторно покажавме дека сме на високо ниво, дека можеме да се биеме со најдобрите, но еве, на два меча сега останавме кратки за два гола и жал ни е. Ова е една голема генерација, еден голем Вардар, кој долго време беше заедно. Сега некои работи ќе се сменат. Сакавме да се простиме со победа, дадовме сè што можевте, но тоа е, таков е спортот", заврши Чупиќ.

Останува во најскоро време раководството на Вардар конечно да се огласи со информација околу идните планови...Она што е сигурно е дека нов стратег ќе биде Роберто Гарсија Парондо, а додека како единствен потврден старо-нов ракометар е Сергеј Горбок, за останатите имиња само се шпекулира.

Најново во Ракомет