РОБЕРТО ПАРОНДО МАКА МАЧИ ВО ПРЕТСЕЗОНСКИОТ ПЕРИОД

БОЛНИЦА ВО ВАРДАР: Вирус ги „нападна" ракометарите

„Петмина ракометари имаа температура деновиве и не можев да сметам на нив" – објасни за „Спортмедиа" стратегот на „црвено-црните".

објавено: 8 август 2018 - 08:30

Не му тргна сјајно на Роберто Парондо како нов стратег на македонскиот првак Вардар, а се чини дека никако и да им дојде крај на маките на Шпанецот.

Во Крањска Гора замина со некомплетен тим (раскината соработка со Страхиња Милиќ, рековалесцентен Данил Ѓорѓески и без нов одбранбен играч), а дека не може да извади максимум од своите играчи таму потврди и самиот, со оглед на тоа дека дури пет ракометари неколку дена имале температира и не можеле да тренираат.

„Петмина ракометари имаа температура деновиве и не можев да сметам на нив" – објасни за „Спортмедиа" стратегот на „црвено-црните", Роберто Парондо и додаде: „Тоа ми ги отежна работите и тренажниот процес и подготовките не можеа да течат онака како што јас имав замислено".

НЕКОМПЛЕТНИ НА ПРВИОТ ТЕСТ

Вардарци денеска ја напуштаат Словенија и патуваат за Германија, каде в петок (20:15 часот) против Хамбург го започнуваат настапот на „Хејде купот".

„Полека се рехабилитираме за првите контроли, но факт е дека на првиот турнир ќе бидеме некомплетни. Клубот и натаму работи на ангажирање на голман и еден одбранбен играч кои ни се приоритет во моментов" – потенцираше Парондо.

Вардар од 10 до 12 август ќе учествува на „Хејде купот" во Шневердинген, каде покрај Хамбург како потенцијални ривали ги има и европскиот првак и противникот во групната фаза од Лигата на шампионите во новата сезона, Монпеље, како и Кристијанштад, Лајпциг и Фуксе Берлин.

 

Најново во Ракомет