ТИМОТ ОД АВТОКОМАНДА ПОРАЗЕН

Бадијала одличен Томовски, во Металург старите навики не се искоренети

Металург го забележа шесттиот пораз во Лигата на шампионите, на домашен терен беше совладан од Спортинг Лисабон со 24-31. 

објавено: 8 ноември 2018 - 20:31

Нема втора победа за Металург во Лигата на шампионите. Избраниците на Данило Брестовац како многу пати до сега, имаа одлична можност да дојдат до двата бода, но не успеаја да го задржат истиот ритам, ниту пак да ја задржат брзо стекнатата предност од четири и од три гола, згора на се во второто полувреме постигнаа само шест гола. Спортинг Лисабон казни, на крајот славеше со 24-31 и покрај блескавата партија на Мартин Томовски, кој имаше 17 интервенции. 

Димитриоски имаше пет гола од девет обиди, еден гол помалку постигна Танкоски. Кај гостите  Веита Валдез имаше пет гола. 

Металург добро го отвори мечот, поведе со 3-1, потоа и со 8-4 во 10. минута, период во кој Томовски имаше четири одбрани. Следеше пад, на спротивната страна Спортинг со три гола во низа се доближи на 8-7. Време за тајм-аут, кој по една минута вроди плод. По серијата промашувања, Металург ја врати позитивата од плус три (11-8) во 17 минута. Ново изедначување имаше на девет минути до крајот (11-11). Тимот од Автокоманда сепак не успеа да се избори за поголема предност, на одморот замина со 18-17.

Португалскиот тим успеа да направи пресврт во 35 минута дојде до првото водство на мечот од 18-19 и покрај тоа што Томовски беше на висина на задачата. Металург првиот гол во овој дел го постигна по седум минути игра преку Танкоски 19-19. Серафимов промаши од седум метри, а гостите се искачија на плус два 19-21. И тука не застанаа, за разлика од македонскиот вицепрвак подобро се снајдоа во серијата на промашувања, па во 47. минута поведоа со 21-24. 

Не се вратија „металурзите“, потврдата дека ова ќе биде шестти пораз во елитното натпреварување стигна во 54. минута, имаа негатива од 23-28. На крајот таа беше изразена во седум гола 24-31. 

Најново во Ракомет