ТРИ ЖЕНСКИ ТИМА ЌЕ НЕ ПРЕТСТАВУВААТ ВО ЕВРОПА СЕЗОНАВА

Вардарки ги нема никаде, Металург, Пелистер и Куманово ја бранат честа

Вице – првакот пријави учество во ЕХФ купот, додека Пелистер и Куманово ќе играат во Челинџ купот.

објавено: 28 јуни 2018 - 13:00

Македонскиот женски клупски ракомет и следната сезона ќе има претставници во Европа.

Не во Лигата на шампионите (беше јасно уште на почетокот на месецов), туку во другите два Купа, каде честта ќе ја бранат вице – првакот Металург, како и Пелистер и Куманово. Металург ќе се натпреварува во ЕХФ купот, додека Пелистер и Куманово ќе бидат дел од Челинџ купот.

Конкуренцијата на нашите претставници треба да биде позната на почетокот на јули, кога ЕХФ треба да информира и за тоа која екипа од која квалификациска фаза ќе започне со настап во европските клупски купови од понизок ранг, со оглед на тоа дека за Лигата на шампионите деталите се веќе дефинирани.

Што се однесува до мажите, Вардар и Металург ќе бидат нашите претставници во најсилното европско клупско натпреварување, додека Еурофарм Работник и Тинекс Пролет ќе се пробаат во ЕХФ купот.

„Црвено-црните" и Металург, утре, во Виена ги чекаат противниците во групната фаза во Лигата на шампионите, додека „фармацевтите" и Пролет, како и дамите, на почетокот на јули треба да ја дознаат европската агенда за следната сезона.

Најново во Ракомет