ТРАНСФЕРОТ ЌЕ ЧЕКА ДОДЕКА НЕ ИМ СЕ РЕШИ СТАТУСОТ

Металург суспендира три ракометарки кои сакаат да одат во Вардaр

објавено: 5 август 2014 - 16:47

Македонските кадетски репрезентативки Теодора Керамичиева, Ангела Тодоровска и Клаудија Георгиевска побарале да ги раскинат своите договори со ЖРК Металург, затоа што имале неколку неисплатени плати. Меѓутоа Металург не се согласил на спогодбена разделба и сега спорот треба да се разреши со арбитража на Комисијата за регистрирање на играчи во РФМ. Ракометарките не тренирале со Металург откако почнаа подготовките во неделата и поради тоа клубот денеска објави дека ги суспендира додека да им изрече конечна казна.

Додека биде разгледано барањето за раскин на договорот тие се ракометарки на ЖРК Металург и треба да доаѓаат на тренинзи. Бидејќи не дојдоа на три тренинзи по ред, според клупскиот правилник следува суспензија“, вели Филип Христов, директорот на ЖРК Металург.

Керамичиева, Тодоровска и Георгиевска побарале да си заминат затоа што не им биле исплатени неколку плати, состојба којашто за Спортмедиа ја потврди и директорот на женската репрезентација, Емил Угриновски, уште во јунските квалификациски мечеви со Германија. Објаснувањето од ЖРК Металург за тоа е дека тие иако се регистрирани како нивни ракометарки, во потенцираниот период не играле за клубот туку биле позајмени.

Нивните барања за неисплатени средства се за периодот кога тие настапувале како позајмени играчи за РК Металург Скопје. Тоа е различен правен субјект од ЖРК Металург“, вели Христов.

Од ЖРК Вардар ни потврдија дека веќе договориле трансфер со трите македонски репрезентативки, но очигледно ќе се одвива отежнато. Тие се планирани за втората екипа во која од неодамна нов тренер е Симе Симевски, доскорашниот предводник на Металург Скопје. Тој ги познава квалитетите на трите ракометарки со кои веќе работеше и затоа повлече потег за нивен трансфер. Од Металург Скопје во втората екипа на ЖРК Вардар треба да премине и Ивана Гакидова, но очигледно нема спор со нејзиниот договор.

Покрај Симовски, досега ова лето од ЖРК Металург си заминаа Мирјета Бајрамовска, Душица Ѓорѓиевска, Драгица Митрова, Симона Гроздановска, Наташа Младеновска, Робертина Мечевска и Михаела Јаломитеану.

Владко Арсов

Најново во Ракомет