БОЛЕН КРАЈ ЗА РУСИТЕ

Трае хрватскиот сон, „кралеви“ на пенал-драми! (Видео)

Познат е и последниот учесник во полуфиналето на Светското првенство, тоа е репрезентацијата на Хрватска која на пенали со 4:3 го елиминираше домаќинот Русија. После регуларните 90. минути беше 1:1, а по двете продолженија 2:2.

објавено: 7 јули 2018 - 22:59

Во текот на првото полувреме поведоа руските фудбалери со прекрасниот погодок на Черишев во 31. мин. чиј удар не можеше да го запре Субашиќ.

Пред паузата „коцкестите" успеаја да се вратат, еден убав продор на Манџукиќ од левата страна, доволно беше едно негово кратко нафрлување до главата на Крамариќ кој нечуван од никого се погрижи за егал (39. мин.)

Немаше погодоци во второто полувреме, па се замина на продолженија, а таму во првото многу среќно Вида со глава во 101. мин. ја израдува својата нација за целосен пресврт на „Олимпискиот" стадион во Сочи.

Во 115. мин. се вратија надежите на руските фудбалери, слободен удар на работ од казнетиот простор, го изведе Џагоев, а највисоко скокна Фернандес кој со глава најави нови пенали на СП, барем за неговата селекција.

Во пенал-серијата Хрватите беа подобри со 4:3, клучно беше промашувањето на Фернандес, а по втор пат во историјата на СП, Хрватска повторно е во полуфиналето благодарение на Ракитиќ.

Во полуфиналето на 11. јули на „Лужњики" во Москва, избраниците на селекторот Далиќ ќе се сретнат против Англија, а еден ден порано силите ќе ги одмерат Франција и Белгија на „Крестовски" во Ст. Петерсбург. И двата меча ќе се играат од 20:00 часот.

Да додадеме уште дека на 14. јули е натпреварот за третото место, а Мундијалот завршува на 15-ти и борбата за светската титула во руската престолнина.

Најново во Меѓународен Фудбал