СВЕТСКО КЛУПСКО ПРВЕНСТВО 2018

„Шефовите“ го уништија Есперанс и закажаа дуел со Ривер

Дебитантот Ал Аин прескокна уште една препрека

објавено: 15 декември 2018 - 19:24

Го поминаа Велингтон, а сега и Есперанс. Шампионот на Обединетите Арапски Емирати Ал Аин успеа да се пласира во полуфиналето на Светското клупско првенство. Полесно од очекувањата „Шефовите" му одржаа лекција на тунискиот и африканскиот шампион Есперанс. Го победија со 3:0 и со голема самодоверба ќе влезат на мегдан со јужноамериканскиот шампион Ривер Плата во полуфиналето на клупскиот мундијал на 18 декември.

Мохамед Ахмад и Хусеин ел Шахат го доведоа Ал Аин во предност од 2:0 во првото полувреме, а во 60-тата минута играчот за врска Бандар Мохамед зголеми на 3:0 и практично го реши победникот на овој меч. Гостите од Африка и онака играа слабо, па во последниот половина час немаа никакви шанси за да направат чудо и да го избегнат третиот пораз на светскиот клупски мундијал.

Да потсетиме Есперанс играше на турнирот во 2011 година и тогаш заврши како шести (со два порази). За Ал Аин ова е прв настап на клупскиот мундијал.

Другото полуфинале е помеѓу Реал Мадрид и Кашима Антлерс кој ќе се игра на 19 декември во Абу Даби. Мечот меѓу Ал Аин и Ривер Плата ќе се одигра во Ал Аин.

Најново во Меѓународен Фудбал