Уште три града понудија да бидат домаќини

Мајами, Бело Хоризонте и Мендоза се нудат да бидат домаќини на Ривер и Бока

По Џенова која го понуди својот „Мараси", сега стигнаа понуди и од уште 3 други градови и стадиони.

објавено: 27 ноември 2018 - 18:15

Како што најавивме претходно, во очекување на средбата во седиштето на КОНМЕБОЛ во Асунсион меѓу претседателот Алехандро Домингез и преставниците на Ривер Плата и Бока Јуниорс, Родолфо Д'Онофрио и Даниел Анхеличи, да се донесе дефинитивна одлука за местото и денот на одигрување на реванш финалето од Копа Либертадорес, доаѓаат нови понуди од градови и стадиони кои се заинтересирани да бидат домаќини на популарното „Супер кладико“.

Како што објавија аргентинските весници, по Џенова која го понуди својот „Мараси“ за место на кое би можела да се одигра големата реванш пресметка меѓу овие два лути ривали од Буенос Аирес, сега стигнаа понуди и од уште 3 други градови и стадиони.

Како нова опција за домаќини на мечот сега се и аргентинскиот град Мендоза кој го понуди својот стадион „Малвинас Аргентинас“ за одигрување на овој меч, потоа бразилскиот Бело Хоризонте со стадионот „Ел Минерао“, но и американскиот град Мајами кој е исто така сериозно заинтересиран да го има овој настан на свое тло.

Одлуката ќе биде донесена во согласност со договорот на трите страни во случајов, но најверојатно „Ел Монументал“ во Буенос Аирес каде требаше да се одигра дуелот пред немирите, дефинитивно ќе отпадне од комбинација.

Најново во Меѓународен Фудбал