НЕКОЛКУ ИНТЕРЕСНИ РАБОТИ ОКОЛУ ДЕНЕШНИТЕ НАТПРЕВАРИ

ЛШ: Јунајтед нема пораз дома од Французи, Рома и Порто петти пат на мегдан...

ПСЖ осакатен во Манчестер, деби на Оле Гунар Солскјер во ЛШ, Рома и Порто ќе го играат петиот меч меѓу себе

објавено: 12 февруари 2019 - 14:00

Вечерва се играат првите два натпревари од осминафиналето на Лигата на шампионите. Најинтересниот се игра на „Олд Трафорд" помеѓу Манчестер Јунајтед и Пари Сен Жермен, а во исто време на „Олимпико" силите ќе ги одмерат Рома и Порто.

Се разбира најголемо внимание е посветено на мечот во Манчестер каде „Црвените ѓаволи" ќе се обидат да ја продолжат својата одлична серија под водство на Оле Гунар Солскјер. Моментално тие имаат 10 победи и едно реми со норвешкиот тренер кој воедно ќе дебитира во елитното натпреварување како стратег на некој клуб.

До пред два месеци ПСЖ беше огромен фаворит против најтрофејниот англиски клуб. Зошто? ПСЖ играше фантастично, нижеше победи во првенството, а имаше перфектен финиш на групната фаза. Во исто време Манчестер Јунајтед беше непрепознатлив под водство на Жозе Мурињо.

Но сега работит се свртија, Манчестер Јунајтед ја крена самодовербата и ритамот и делува убиствено, додека ПСЖ забави, го запиша и првиот пораз во првенството, а имаше и многу мака во Купот против третолигаш (го победи на пенали). На тоа се надоврзаа повредите на Нејмар, Единсон Кавани, Тома Мение... Тухел изјави дека ќе биде вистински предизвик да се одигра против овој Манчестер Јунајтед кој делува разлетано и ефикасно...

Еве неколку интересни работи околу вечерашните натпревари.
* На денешните натпревари првпат ќе биде употребен ВАР системот во Лигата на шампионите. УЕФА одлучи уште оваа година, почнувајќи од нокаут фазата судиите да добиваат помош од видео технологија.
* Сите натпревари од оваа фаза на ЛШ ќе започнат со минута молчење во чест на трагично загинатиот фудбалер Емилијано Сала.

НАТПРЕВАРИТЕ ПОЧНУВААТ ВО 21.00 ч.

МАНЧЕСТЕР ЈУНАЈТЕД - ПСЖ   (Коефициентите за обложување ОВДЕ)

* Ова ќе биде прв дуел на англискиот и францускиот гигант во Европа.

* Јунајтед има одиграно 13 натпревари против француски опоненти на домашен терен и нема пораз (10 победи и три ремија)

* ПСЖ ќе го одигра десеттиот меч на англиско тло, а има лош ефект 1-4-5.

* За Манчестер Јунајтед ова е 11-то учество во осминафиналето на ЛШ, скорот им е позитивен 6-4.

* Ова е прв меч во ЛШ на тренерот Оле Гунар Солскјер. Тој има осум квалификациски натпревари како тренер на Молде (скор 3-4-1). Тој го предводеше норвешкиот клуб во групната фаза на Лига Европа во сезоната 2012-13 и го внесе во 1/16 финалето три години подоцна.

* Ова за ПСЖ е седма сезона по ред во ЛШ и секојпат стигнувале до осминафиналето. Се уште се надеваат на надминување на ефектот од 1994-95 кога стигнаа до полуфиналето.

* По четири пласмани во четвртфиналето помеѓу 2013 и 2016 година, ПСЖ запираше во осминафиналето во следните две сезони (прво од Барселона, а потоа од Реал Мадрид).

* ПСЖ двапати играл со англиски противник во осминафиналето и двапати поминал понатаму. И во двата случаи го елиминирал Челси (2014-15 и 2015-16). Победата во 2016 на „Стемфорд Бриџ" со 2:1 е единствена на парижаните на англиско тло.

* Анхел ди Марија од ПСЖ во сезоната 2014-15 ги бранеше боите на Манчестер Јунајтед. Пред вечерашниот меч рече дека се мачел на „Олд Трафорд" и дека му благодари на Бога што клубот му дозволил трансфер во ПСЖ.

МАНЧЕСТЕР ЈУНАЈТЕД - ПСЖ
МОЖНИ СОСТАВИ
Јунајтед: Де Геа - Јанг, Линделеф, Џонс, Шо - Ерера, Матиќ, Погба - Лингард, Рашфорд, Марсијал
Отсутни: Дармијан, Валенсија (повредени)
Псж: Буфон - Керер, Тијаго Силва, Кимпембе, Бернат - Маркињос, Верати - Дани Алвес, Дракслер, Ди Марија - Мбапе
Отсутни: Нејмар, Кавани, Мение (повреди)

 

РОМА - ПОРТО (Коефициентите за обложување ОВДЕ)


* Вечерва ќе го одиграат петтиот меч меѓу себе. Порто досега излегуваше како поуспешен од Рома. Во 1981 година во втората рунда на поранешниот КПК Порто со вкупни 2:0 го елиминира римскиот клуб (2:0 дома, 0:0 на гости), а во август 2016 го зема билетот за групната фаза на ЛШ (1:1 во Порто, и победа 3:0 во Рим во плеј-офот за ЛШ).

* Порто има 14 натпревари на италијанско тло и скор од 4-3-7. Рома има седум меча со Португалци на домашен терен и скор 3-2-2.

* Скорот на Рома во осминафиналињата е 3-3. Победи над Лион и Реал во првите две учества, па серија од три елиминации од Арсенал, Шахтјор Доњецк и Реал Мадрид, па севкупен триумф над Шахтјор поради гол во гости минатата сезона.

* Един Џеко даваше гол(ови) на минатосезонските пет натпревари на Рома во нокаут рундата.

* Порто изгуби од Ливерпул во осминафиналето на ЛШ минатата сезона. Нивниот скор во осминафиналињата на елитното натпреварување е 3-7, а имаат само еден триумф на последните пет двомеча.

* Португалските „Змејови" немаат пораз на петте последни натпревари во гости во рамките на ЛШ (две победи, три ремија). Да кажеме дека Порто имаше најдобар ефект во групната фаза сезонава - освои 16 бодови.

 

РОМА - ПОРТО
МОЖНИ СОСТАВИ
Рома: Миранте - Флоренци, Манолас, Фацио, Коларов - Пелегрини, Де Роси, Кристанте - Заниоло, Џеко, Ел Шарави.
Отсустни: Ундер, Пероти, Олсен (повредени)
Порто: Касиљас - Едер, Филипе, Пепе, Алекс Тељес - Данило, Ерера, Оливер Торес - Отавио, Соареш, Брахими.
Отсустни: Марега (повреден), Корона (суспензија)

Најново во Меѓународен Фудбал