ЛИГА НА ШАМПИОНИ

Дибала го зацрни Олд Трафорд (видео)

Јувентус го победи Јунајтед со 1:0 среде Манчестер иако можеше и поубедливо

објавено: 23 октомври 2018 - 22:57

Најинтересниот натпревар вечерва, одигран на Олд Трафорд му припадна на Јувентус. „Старата дама" во дуелот со Манчестер Јунајтед успеа да го земе целиот плен, благодарение на добрата игра и триумфот со голот на Пауло Дибала во првото полувреме. Со оглед на тоа што се случуваше на теренот немаше да биде неправедно ако Јувентус славеше и со поубедлива победа. „Ѓаволите" повторно одиграа под очекувањата, Жозе Мурињо никако да ги разбуди своите фудбалери, а момците од Торино имаа уште неколку убави шутеви кои Де Геа ги одбрани.
Дибала го одигра 150. натпревар за Јувентус го постигна 73. гол. Тренерот на Манчестер Јунајтед Жозе Мурињо не направи ниту една измена во својата екипа.

За „Ѓаволите" е добро што Јанг Бојс и Валенсија ремизираа во другиот меч од групата, па тие останаа на второто место на табелата. Сепак, овој пораз повторно ќе го отвори прашањето дали дојде крајот на Мурињо на клупата на Манчестер Јунајтед.

Интересно, со шест погодоци и пресврти беше во Германија: Хофенхајм - Лион 3:3. Французите поведоа, па Германците свртеја, но одново седумкратниот француски првак го врати водството, а домашните спасија бод во последните секунди од дуелот.
Андреј Крамариќ ги постигна првите погодоци во ЛШ (два), а Хофенхајм даде гол(ови) на секој од 11 натпревари во Европа досега. Тие заедно со Динамо Берлин се единтвените германски тимови со таква долга голгетерска низа во Европа.

А Шахтјор прв пат загуби од англиски клуб на домашен терен. По пет победи и две ремија, сега падна во дуелот со Манчестер Сити. Лани ја победија оваа екипа со 2:1, а сега беа демолирани со 0:3 на стадионот во Харков. Силва и Лапорт го отклучија голот на Украинците, а Силва со вториот гол ги насоли раните на „Рударите".

ЛШ - 3.коло
ГРУПА Е
Аек - Баерн 0:2 (Мартинез 61', Левандовски 63'), Ајакс - Бенфика 1:0 (Мазруи 90'+3')
ТАБЕЛА: 1. Баерн 7 бода; 2. Ајакс 7; 3. Бенфика 3; 4. АЕК 0

ГРУПА Ф
Хофенхајм - Лион 3:3 (Крамариќ 33', 47', Жоеилтон 90' - Траоре 27', Ндомбеле 59', Депај 67');

Шахтјор - Ман.Сити 0:3 (Силва 30', 71', Лапорт 35')
ТАБЕЛА: 1. Ман.Сити 6 бода; 2. Лион 5; 3.Хофенхајм 2; 4.Шахтјор 2


ГРУПА Г
Рома - ЦСКА 3:0 (Џеко 30', 43', Ундер 50'); Реал М. - Плзен 2:1 (Бензема 11', Марсело 56' - Хрошовски 79')
ТАБЕЛА: 1. Реал Мадрид 6 бода; 2. Рома 6, ЦСКА 4, Плзен 1

ГРУПА Х
Јанг Бојс - Валенсија 1:1 (Оаро 55' - Батшуи 26'), Ман.Јунајтед - Јувентус 0:1 (Дибала 17')
ТАБЕЛА: 1. Јувентус 9 бода; 2. Ман.Јунајтед 4; 3. Валенсија 2; 4. Јанг Бојс 1

 

 

 

Најново во Меѓународен Фудбал