УШТЕ ЕДНА ТИТУЛА НА РЕАЛ МАДРИД

„Кралевите“ го одбранија светскиот трон (видео)

Трета година по ред Реал Мадрид го освојува светското клупско првенство

објавено: 22 декември 2018 - 19:23

Екипата на Реал Мадрид одново е светски клупски шампион откако предмалку го победи Ал Аин со 4:1 во финалето што се одигра во Обединетите Арапски Емирати. „Кралевите" едноставно беа пресилни за домаќините кои со самиот пласман во финалето направија сензација (тргнаа дури од квалификациите и поминаа три противници меѓу кои и Ривер Плата), но немаа сили да го скротат и европскиот шампион.

Лука Модриќ го отвори резултатот со погодокот во 14. минута на додавање на Бензема, што е негов прв гол во финален натпревар за „Кралевите". Маркос Љоренте во 60. минута зголеми на 2:0 и веќе се насетуваше победникот на мечот. Се чекаше само со колкав резултат ќе слават мадриѓаните.

Конечниот резултат беше 4:1, третиот погодок за Реал го даде Серхио Рамос по корнер на неговиот тим, а за арапскиот клуб утешниот гол беше дело на јапонскиот интернационалец Шиотани на четири минути пред крајот на мечот. Но тоа не беше се. По акцијата на Винисиус, Надер во обид да спречи акција си ја затресе сопствената мрежа.

За Реал Мадрид ова е четврта титула на ФИФА Светското клупско првенство по оние што ги освои во 2014, 2016 и 2017 година.

КОНЕЧЕН ПЛАСМАН
1. Реал Мадрид
2. Ал Аин
3. Ривер Плата
4. Кашима Антлерс
5. Есперанс де Тунис
6. Гвадалахара
7. Велингтон

 

 

Најново во Меѓународен Фудбал